Државјанства со сведоци: Ќе се утврдува прво колку лица немаат државјанство
Премиерот Зоран Заев имаше утрово во Собранието средба со координаторот на пратеничката група Скендер Реџепи и пратеници од коалицијата составена од Алијанса за Албанците (АА) и Алтернатива. Тема на разговор беа измените на Законот за државјанство. Трајно решение нема, но Заев во изјавата рече дека во следниот период ќе се утврдува колку лица всушност немаат државјанство.
„Договоривме за една недела и ако може порано од една недела веднаш да се вратиме на основа на тие аргументации. Затоа што навистина треба и службите да застанат да ги разгледаат и да пронајдат трајно решение, како и кај нив во пратеничката група да ги разгледаат сите детали за да можат на крајот да ги усогласиме решенијата. Се согласивме дека таа бројка, иако е евидентирана на 1500-1600 лица, во матичната евиденција е некаде 800-850 луѓе, и е различна. Притоа разграничивме дека граѓани кои имаат извод од матична книга на евиденција, односно се родени тука, е една проблематика, и граѓани кои се стекнуваат со државјанство со природување, односно со женење, мажење во државата, се друга проблематика, и како да настапиме, рече Заев.
И да има било каков договор меѓу двете страни треба да се знае дека овој закон е под блокада од страна на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, за што премиерот Заев рече дека останува да се договорат пратениците од ВМРО-ДПМНЕ со АА-ААА со цел повлекување на амандманите.
Пратеникот Скендер Реџепи од Алтернатива рече дека од Владата имало предлог да има закон со преодна одредба, што, како што рече, заедно со коалицискиот партнер Алијанса за Албанците, ќе го разгледаат. Истовремено, побарале Владата да разгледа неколку точки што тие ги предложиле и да се дојде до некаков компромис.
„Не ни е цел како коалиција да бидеме црни овци кои ќе кочат и блокираат закони, туку да бидеме оние кои ќе им служат на лицата на кои им е блокирано правото на државјанство и на живеење. Ќе седнеме како пратеничка група да ги разгледаме сите опции кои се отворени на средбата, рече Реџепи.
