ДРЖАВАТА СЕ ЗАДОЛЖИ НА ДОМАШНИОТ ПАЗАР ЗА 49 МИЛИОНИ ЕВРА - се враќаат и стари обврски на кредитори, а еве колку не чинат каматите
Државата повторно се задолжи преку две обврзници на домашниот пазар, кои имаат различна рочност.
Првото задолжување е преку тригодишна државна обврзница, и е на сума од само еден милион евра, но затоа многу поголемо задолжување е направено преку 15 годишна обврзница, на износ од 48,2 милиони евра.
Значи, тој еден милион евра ќе се врати после три години, а овие 48 милиони после 15 години, па затоа на задолжувањето од еден милион ќе платиме како држава камата од 3,25 отсто, додека на 48-те милиони каматата што ќе се плати ќе изнесува 5,1 процент.
И овие камати се малку намалени во однос на претходниот период, со оглед што го следат трендот на намалување на каматните стапки.
Од денеска овие две обврзници котираат и на Македонската берза за долгорочни хартии од вредност.
Притоа треба да се истакне дека како што државата се задолжува, така и се раздолжува кон домашните кредитори, односно враќа обврски по претходно издадени обврзници на домашниот пазар.
А, во овие обврзници преку кои се задолжува државата, треба да се напомене дека главно вложуваат домашните банки, пензиските фондови, но во последно време се повеќе и инвестициските фондови кои работат на територијата на земјава.
Н.Н.Ф.
