Економија, финансии, бизнис

Контакт

Државата под хакерски напади: Владата, ДИК, општини и служби трпеле сајбер-удари

Државата под хакерски напади: Владата, ДИК, општини и служби трпеле сајбер-удари

Националниот центар за одговор на компјутерски инциденти во 2020 година регистрирал сериозни хакерски напади на вкупно 92 јавни веб-страници, споредено со 113 во 2019, 196 во 2018 и 349 во 2017 година. Од нив, 6 се официјални страници на организации од владин сектор под .gov.mk доменот.

Минатата година биле нападнати веб-страниците на Државната изборна комисија со фамозниот пад на сајтот вечерта по парламентарните избори, Дирекцијата за заштита и спасување и во три наврати Општина Кичево. Во 2019 нападите над државните институции биле уште почести. Хакерски биле нападнати Владата на 7 септември 2019, Секретаријатот за европски прашања во два наврати, скопското јавно претпријатие Улици и патишта, Општина Богданци и други.

„Дополнителната анализа на успешно хакирани веб-страници, врз основа на оперативниот систем кој се користи за веб серверот кој ги хостира овие страници, покажува дека најдоминантни оперативни системи се од фамилијата на Linux оперативните системи. Иако Линукс е еден од по сигурните оперативни системи, главната причина за успешно хакирање на овие веб-страници е да се има администраторски привилегии на овие пакети со отворен код, а настанува како резултат на ненавремено откриени и ажурирани ранливости на CMS“, велат од центарот.

Во 2020 година, вкупниот број на пријави за инциденти евидентирани преку системот изнесува 1.443, од кои поголемиот дел се од компании кои вршат услуги . Најголем дел од нападите се детектирани надвор од државата, а при тоа се идентификувани македонски IP адреси. 

„Забележан е инцидент со компромитација на сервер и клиенти за е-пошта на владина организација за што најитно е известена организацијата. и пратени се препораки до Советот за сајбер-безбедност. Забележан е инцидент на јавна веб страница на државна комисија. Побарани се дополните информации за настанот но не е добиен одговор“, нотираат од центарот во својот годишен статистички извештај кога станува збор за хакирањето на државните институции.

Од таму додаваат дека во моментов не постои легислатива во државата за задолжително пријавување на инциденти како и обврска за задолжително постапување по препораките од центарот.

Советот за сајбер безбедност инаку го сочинуваат министерот за внатрешни работи, министерот за одбрана и министерот за информатичко општество и администрација.

А.К.

Слично

Поврзани вести