Економија, финансии, бизнис

Контакт

ДРЖАВАТА ЌЕ ЈА ПРОДОЛЖИ МЕРКАТА МЛАДИНСКИ ДОДАТОК - по 3.000 денари месечно до 2028 година, нови 2 милиони евра годишно

ДРЖАВАТА ЌЕ ЈА ПРОДОЛЖИ МЕРКАТА МЛАДИНСКИ ДОДАТОК - по 3.000 денари месечно до 2028 година, нови 2 милиони евра годишно

Државата планира да ја продолжи мерката за младински додаток до крајот на 2028 година, со цел да ги задржи младите во земјата и да го ублажи недостигот од работна сила во производствениот сектор. 

Со новиот закон се предвидува младите до 23 години кои се вработени во производни дејности и натаму да добиваат месечна поддршка од 3.000 денари (околу 49 евра), мерка која според надлежните веќе покажа конкретни резултати во изминатите години.

- Одржувањето и јакнењето на економијата за секоја држава подразбира поддршка на домашното стопанство преку активни програми и мерки за вработување, во секторите кои создаваат вишок на вредност, односно профит. Јакнењето на економијата се овозможува преку реалниот сектор, особено преку делот на производствени дејности. Имајќи ја во предвид: структурната поставеност на компаниите, односно фактот дека повеќе од 90% од претпријатијата се микро и мали претпријатија; недостигот од нова работна сила со која се соочува државата, пред се од млади лица кои би се вработиле во производствени дејности и потребата од задржување на младите во државата, секој вид на помош од страна на државата во одржувањето на производствените дејности е многу значајна - се посочува во законот доставен во Собрание. 

Во него е посочено дека, согласно податоците на Агенцијата за вработување, од 2020 година досега ова право го искористиле вкупно 18.553 млади лица, односно во просек по 3.092 лица годишно, за што државата издвојувала околу 111.312.000 денари годишно (околу 1,81 милиони евра). Со новото законско решение, годишната финансиска поддршка ќе се зголеми на 126.000.000 денари (околу 2,05 милиони евра), што значи дополнително зајакнување на оваа мерка.

- Од податоците на Агенцијата за вработување на Република Северна Македонија од 2020 година до сега, правото на младински додаток го искористиле во просек 3.092 млади лица годишно или вкупно 18.553 млади лица - се додава во законот.

Целта на продолжувањето на младинскиот додаток е двојна – од една страна да се стимулираат младите да се вработуваат во производството, а од друга да се поддржи домашното стопанство кое се соочува со сериозен недостиг на работна сила. Дополнително, мерката треба да придонесе и за задржување на младите во земјата, особено во услови на економска неизвесност и миграција на работоспособното население.

- Законот чие донесување се предлага повлекува обврска за обезбедување средства за неговото спроведување во висина од 126.000.000 денари годишно од буџетот на Агенцијата за вработување на Република Северна Македонија - се наведува во предлогот доставен пред народните избраници.  

Според предлагачите, фактот што над 90 отсто од компаниите во земјата се микро и мали претпријатија, ја прави ваквата поддршка уште позначајна, бидејќи токму овие фирми најмногу зависат од достапноста на работна сила. Истовремено, економската криза дополнително ја нагласила потребата од вакви мерки, кои помагаат во стабилизирање на пазарот на трудот.

Законот за младински додаток престана да важи на 31 декември 2025 година, па со новото решение се предлага негово продолжување за уште три години. Средствата за реализација ќе се обезбедуваат од Буџетот на Агенцијата за вработување, а очекувањата се дека мерката ќе продолжи да има значајна улога во поддршката на младите и развојот на производствениот сектор.

П.О.

Слично

Поврзани вести