Економија, финансии, бизнис

Контакт

ДРЖАВАТА Ѝ СКРАТИЛА ДЕЛ ОД ПЛАНИРАНИТЕ ПАРИ НА ОТА – сепак вработените можат да бидат задоволни од платите

ДРЖАВАТА Ѝ СКРАТИЛА ДЕЛ ОД ПЛАНИРАНИТЕ ПАРИ НА ОТА – сепак вработените можат да бидат задоволни од платите

Намалување на приходите поради прераспределба на дел од средствата од основниот буџет имало во Оперативно-техничката агенција (ОТА) во текот на минатата година, но и раст кај самофинансирачките активности.

Податоците кои ги објави ОТА во годишниот извештај на агенцијата доставен во Собранието, откриваат дека вработените во оваа агенција имаат солидни примања. Грубите пресметки велат дека просечна плата вклучувајќи ги и трошоците за пензиско и здравствено осигурување се движат околу 2.500 евра.

Имено, на крајот на извештајниот период, ОТА имала 22 вработени лица и 1 функционер - директор на ОТА. Табелите од финансиите кои се трошат во агенцијата откриваат дека за ставка плати и надоместоци се потрошени над 41,5 милиони денари, што кога ќе се подели на 12 месеци меѓу 23 вработени лица излегува 2.444 евра по вработен бруто плата.

Секако, разбирливо е дека платите кои ги добиваат вработените се поразлични, бидејќи дел оди за придонеси како и поради систематизација на работните места.

-  Работници во ОТА имаат статус на овластени службени лица, за чие вработување покрај општи услови потребна е безбедносна проверка дека не постои безбедносен ризик од вработување, како и поседување национални безбедносни сертификати од највисок степен, како посебен услов. Заради остварување на својата институционална функционалност, како и заради одлив на кадар, во претстојниот период ОТА има потреба и фокус за екипирање со стручен и професионален кадар– се укажува во извештајот.

Меѓу другото е посочено дека Владата обезбедува движен и недвижен имот за ОТА, при што за остварување на работите од својата надлежност ОТА користи простории под закуп. Финансирање на ОТА е уредено со законите, па средствата за плата, надоместоци и додатоци на плата, за работа, унапредување, модернизација и опремување на ОТАпредвидени со Годишниот финансиски план на ОТА, се обезбедуваат од Буџетот и од надоместоците на Агенцијата за електронски комуникации на Македонијаили таканаречените расходи од самофинансирачки активности.

-  АЕК е должна предвидените износи утврдени во годишниот извештај за работа на АЕК за претходната календарска година усвоен од комисијата на АЕК, да ги исплати на ОТА најдоцна до 15 април во тековната година– се наведува во извештајот.

Како што е посочено расходите на основниот Буџет во текот на 2024 година биле намалени за скоро 150 милиони денари. Но, планираните расходи од самофинансирачки активности во текот на 2024 година биле зголемени за 29 милиони денари. Во извештајот е посочено дека од вкупно одобрените средства за 2024 година, кои требало да достигнат скоро 210 милиони денари, до крајот на 2024 година биле реализирани средства од 117.022.960 денари.

-  Од податоците за реализација може да се увиди дека поголемиот дел од вкупниот Буџет на ОТА за 2024 година, односно 51,61 отсто се реализирани на ставка Стоки и услуги, од каде поголемиот износ на средства се искористени за реализација на законската надлежност на ОТА за одржување на опрема и медијациски уреди со цел создавање услови за спроведување на мерките за следење на комуникациите– се наведува во извештајот на Агенцијата, чиј директор е Марија Јаническа, дипломиран правник од Скопје која претходно беше државен советник во ОТА.

ОТА настана по скандалите со преслушкувањето, и по објавувањето на многубројните „бомби“. ОТА  всушност ја презеде опремата за следење на комуникациите со која располагање Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК). Поентата на промените беше да се спречат повторни злоупотреби на системот, како масовно прислушкување и нивно неовластено објавување.

Согласно законските измени, ОТА иако е самостоен државен орган, не е во можност да ги слуша и нема право на пристап до содржината на комуникацијата. ОТА е задолжена да ги следи комуникациите само ако има судска наредба, заради кривични истраги или заштита на интересите на безбедноста и одбраната на државата.

П.О.

Слично

Поврзани вести