Другар и борец: Почина синдикалниот лидер во телевизија Алфа, колегите со последен поздрав
Почина Сашо Михајловски – Сале синдикален лидер во телевизијата Алфа. Денеска колеги од телевизијата се простуваат од Сале во емотивни објави на социјалните мрежи. Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) со длабоко и искрено жалење информираше за смртта на Михајловски.
„Загубивме голем другар, борец, синдикалец и пред се човек кого колегите неизмерно го почитуваа, на кого му ја доверија борбата за нивните права како вработени во Алфа ТВ, а која тој без трошка штедење и со многу саможртва ја исполнуваше. Сале беше професионалец во својата работа, омилен колега меѓу вработените, а пред се беше човек подготвен да им помогне на другите, стои во соопштението од ССНМ.
Неговите колеги од синдикатот велат дека Сале бил тивок и мирен, но упорен и истраен и некој кој не трпел неправди.
И тоа му беше главната водилка во синдикалната борба. Велеше: „Лесно е да се откажеш, но не се откажувам, ќе одам до крај, бидејќи сме во право” . И така постапуваше, никогаш не се откажа од борбата. Последната битка му беше организирање штрајк поради неисплатената септемвриска плата, велат од ССНМ.
Сале бил борец но не се избори со најважната битка, битката за животот.
Михајловски е роден 1970 година.
Нека почива во мир. Сочувство до семејството на Сашо Михајловски за нивната загуба.
