„ДРИСЛА Е ЛЕСНО ДОСТАПНА ЗА ЗЛОНАМЕРНИЦИ“: Ангелов се сомнева во намерно потпалување, полицијата е на терен
Полицијата ќе испитува дали вработени во Дрисла или пак надворешни лица имаат удел во пожарот што веќе неколку дена гори на депонијата, најави денеска директорот на Дирекцијата за заштита и спасување и шеф на Главниот штаб за управување со кризи, Стојанче Ангелов.
Тој посочи дека вечерва или најдоцна утре ќе биде затрупана со земја површината на која сега чади, заради што е донесена дополнителна механизација.
- Како главен штаб веќе два дена сме во Дрисла, каде настана тежок пожар. Чадењето е активно и денеска, од она што можам да го кажам денеска е значително намалено. Делумно е затрупан делот каде што чади, но и натаму има чад. Моментално се пробиваат два нови патишта каде што ќе може да дејствува механизација.
Самата површина на Дрисла е 85 хектари, и ограда има само кај влезот. Останатиот дел каде што е чадот, се необезбедени, има повеќе камери, но се сомневам во нивната функционалост, особено во задниот дел од депонијата. Од тие причини Дрисла е лесно достапна за злонамерници. Вчера дејствувавме со механизација, и чадењето е намалено. Видлив оган нема, или можеби ќе се појави на неколку секудни и ќе исчезне. Има непријатна чад која содржи токсини - објаснува Ангелов.
Во депонијата има полицајци кои прават информативни разговори со вработени за да се утврди дали има вистина во наводите дека депонијата се потпалува.
Според Ангелов менаџирањето со Дрисла е непрофесионално, ограда има само на еден дел, а речиси целата површина е незаградена и слободна за пристап на секој, што отвора можност за да се извршат и ваков тип на активности.
Дополни дека изминатиот период имало три обиди за палење на депонијата, кои биле брзо и навремено решени.
- Се работи за површина од 85 хектари, на кои е заграден само делот кај влезот. Има камери за кои се сомневам дека функционираат, што ја прави депонијата лесно достапна за злонамерни кои можеле да го продолжат пожарот.
Сега чадењето е драстично намалено и нема горење, така беше и вчера, но вечерта чадот се зголемил и имало горење што е сомнително - вели Ангелов.
Посочи дека и во следниот период полицијата ќе биде присутна и во околината на депонијата.
- Непознато е дали и колку се загадени подземните води, но очигледно е дека проблемот е голем и треба да се решава - вели Ангелов.
Објаснува дека делот каде што е пожарот е во моментов делумно затрупан со помош на механизација, но заради тенсиот простор за движење на машините не може поефикасно да се работи. Ангелов информира дека на терен е присутна и тешка механизација на Гранит, а доколку не завршат до утре ќе побараат помош и од Бехтел и Енка.
Фото: Архива
