Економија, финансии, бизнис

Контакт

Драматично зголемување на нееднаквоста: Петте најбогати луѓе го удвоиле своето богатство, сиромашните имаат се помалку

Драматично зголемување на нееднаквоста: Петте најбогати луѓе го удвоиле своето богатство, сиромашните имаат се помалку

Петте најбогати луѓе во светот го удвоиле своето богатство од 2020 година, додека 60 отсто од населението, односно речиси пет милијарди луѓе, станале уште посиромашни.

Јазот меѓу богатите и сиромашните најверојатно ќе се зголеми, се вели во најновиот извештај на хуманитарната организација Оксфам. Истовремено, се предупредува дека доколку продолжат овие трендови, сиромаштијата во светот нема да биде искоренета уште 229 години, пренесува РТС.

Истакнувајќи го драматичното зголемување на нееднаквоста од пандемијата Ковид, Оксфам вели дека милијардерите во светот се 3,3 милијарди долари побогати отколку што биле во 2020 година, при што нивното богатство расте три пати побрзо од стапката на инфлација.

Извештајот открива дека седум од 10-те најголеми светски корпорации имаат милијардер како извршен директор или главен акционер, и покрај стагнацијата на животниот стандард на милиони работници ширум светот.

Богатството на петте најбогати луѓе во светот - Илон Маск, Бернард Арно, Џеф Безос, Лери Елисон и Марк Цукерберг се зголеми за 464 милијарди долари или 114 отсто. Во истиот период, вкупното богатство на најсиромашните 4,77 милијарди луѓе, кои сочинуваат 60 отсто од светската популација, реално се намали за 0,2 отсто.

„Луѓето ширум светот работат понапорно и подолго, често за мизерни плати, на несигурни и опасни работни места“, се вели во извештајот.

„Во 52 земји просечните реални плати на речиси 800 милиони работници паднаа. Тие работници изгубија вкупно 1,5 милијарди долари во изминатите две години, што е еквивалент на 25 неплатени денови за секој работник“, се додава.


Заедно со богатството на супербогатите, корпоративниот профит порасна и покрај притисокот врз домаќинствата од зголемените животни трошоци. Се проценува дека 148-те најголеми светски корпорации збирно заработиле 1,8 милијарди долари нето добивка во периодот до јуни 2023 година, што е скок од 52 отсто од просечната нето добивка во 2018-2021 година.


Залагајќи се за данок на богатство за да се поправи рамнотежата меѓу работниците и супербогатите работодавци и сопственици на бизниси, во извештајот на Оксфам се вели дека таквиот данок на британските милионери и милијардери може да донесе 22 милијарди фунти годишно во буџетот доколку се применува со стапка од 1 до 2 отсто од нето вредноста над 10 милиони фунти.

Фото: Принтскрин/Твитер

Слично

Поврзани вести