Драги Рашковски доби осум години затворска казна за „Софтвери“
Поранешниот генерален секретар на Владата, Драги Рашковски, за случајот „Софтвери“ како првообвинет доби единствена казна затвор од осум години за „перење пари“ и „злоупотреба на службената должност“.
Според Основниот кривичпен суд, Рашковски во периодото од 2017 до 2021 додека бил генерален секретар ги местел тендерите за набавка на софтвер за мерење на брзината во сообраќајот, како и на софтвер за биометриска идентификација, со што голем дел од парите завршиле кај него. Судот објави дека ќе се конфискуваат недвижнини на Рашковски со цел да се надомести штетата, а права на некои од нив нема да имаат ниту неговите малолетни деца.
Ивица Дмитровски професор за информатички науки и надворешен соработник на Владата, е осуден на казна затвор од 5 години, а Игор Христов, исто така надворешен соработник на Владата, доби пет и пол години затворска казна.
Даниел Станчев, сопственикот на „Инвока“ е осуден на затвор од 4 години, додека Ирена Ивановска, Игор Ивановски, и Маја Сиљаноска, надворешни соработници на Владата, се осудени на три и пол години, односно последните двајца на три години казна затвор.
Според обвинителниот акт, првообвинетиот, Драги Рашковски, не ги извршил службените должности при спроведување на четири постапки за јавна набавка за систем за биометриска идентификација, јавна набавка на софтвер за определување на просечна брзина на возила во сообраќајот и изрекување на казни, набавка на АНПР камери за препознавање на регистарски таблички за возила и јавна набавка на метални кабини за потребите на системот на биометриска идентификација и систем за автоматско препознавање на регистарски таблици.
Случајот го водеше судијката Фанка Јанчулева Михаиловска, а застапник на обвинението е обвинителката Ивана Трајчева.
