Драги Ѓорѓиев: Политичкиот притисок е поголем кај бугарските историчари
Драги Ѓорѓиев председавачот на македонската страна на експерти-историчари во Заедничката бугарско-македонска комисија за историските прашања и за учебниците вели дека бугарските колеги од спротивниот табор се под значително поголемо политичко влијание во преговорите, кои се особено закочени околу прашањето за историскиот статус на Гоце Делчев.
Ѓорѓиев ова го вели откако од македонската страна не беше прифатен предлогот за средба во декември, а во меѓувреме средбите нема да се одржуваат, односно се во прекин поради предизборниот период. Во периодот на работење на Комисијата очигледно притисокот од бугарска страна беше многу поголем, смета директорот на Институтот за национална историја.
– Нашето барање не беше прифатено од бугарската страна, и беше, морам да кажам, произволно протолкувано како политички прекин на работата. Дека ние сме биле под влијание на политиката овде и дека од политички причини сме ја прекинале работата. Но доколку се погледне наназад мешањето на политичарите во работата на бугарската комисија и мешање на нашите политичари, може да се види каде политичкиот притисок е поголем во работата на комисијата… И самото тоа што се врши постојан притисок за чести средби, за месечни средби за да се постигнат некои цели и решенија покажува всушност дека политичката позадина е поприсутна во работата на бугарската комисија – вели Ѓоргиев за „Мета“.
