Економија, финансии, бизнис

Контакт

Драгана Черних-Анастасовска: Не постои причина за загриженост, сево ова е во рамките на нормалната сеизмичка активност

Драгана Черних-Анастасовска: Не постои причина за загриженост, сево ова е во рамките на нормалната сеизмичка активност

Граѓаните не треба да се вознемируваат по земјотресите кои вчера и денеска беа почувствувани во делови на Македонија. 

Во изминативе два дена во Република Македонија беа почувствувани два земјотреси со умерена јачина кои потекнуваат од сосема различни епицентрални подрачја, вели д-р Драгана Черних-Анастасовска, раководител на Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје. 

Првиот, на 8.4.2017 година, во 15 часот и 53 минути, чиј епицентар беше на 100 км западно од Скопје во соседна Албанија, со Рихтерова магнитуда од 5.0, а најсилно беше почувствуван во Дебар со интензитет од V степени според Европската макросеизмичка скала, во останатите делови од северозападна Македонија со интензитет од IV степени, а во Скопје, Охрид и Кичево со интензитет од III-IV степениспоред истата скала.

Вториот, на 9.4.2017 година, во 7 часот и 40 минути чиј епицентар потекнува од епицентралното подрачје Мрежич кое беше на 110 км  јужно од Скопје на границата со соседна Грција, а беше со Рихтерова магнитуда од 3.9, а беше почувствуван во јужните делови од Републиката и тоа во Прилеп, со интензитет од IV степени според Европската макросеизмичка скала.

„Два умерени земјотреса, од различни епицентрални подрачја, оддалечени 100-тина километри. Според својата јачина, првиот земјотрес, освен вознемиреност кај населението во епицентралното подрачје, може да предизвика евентулно само пукнатини на старите градби кои не се асеизмички градени. А  вториот пак, е на границата помеѓу слаби и умерени земјотреси. Освен слаба вознемиреност кај некои не може да предизвика ништо друго бидејки енергијата му е премала. Не постои причина за загриженост, сево ова е во рамките на нормалната сеизмичка активност на територијата на Република Македонија и пограничните подрачја“ - објаснува Черних Анастасовска. 

Таа додава дека сите објекти во Републиката по катастрофалниот скопски земјотрес во 63-та година беа асеизмички градени, што значи градбите да издржат и не колабираат на земјотрес со интензитет од IX степени според Европската макросеизмичка скала.

Сања Атанасовска

Слично

Поврзани вести