Економија, финансии, бизнис

Контакт

ДРАГАН ЃОРЃИЕВ: Штетните ПМ честички се фактор за појава на рак на бели дробови

ДРАГАН ЃОРЃИЕВ:  Штетните ПМ честички се фактор за појава на рак на бели дробови

Аерозагадувањето има исклучително штетно влијание врз здравјето на луѓето од повеќе аспекти. Штетните ПМ честички покрај тоа што имаат докажано канцерогено дејство (докажан ризик фактор за појава на рак на бели дробови), влегувајќи во крвните садови може да ги зачепат крвните садови и предизвикаат срцев или мозочен инфаркт, и предизвикувајќи т.н. оксидативен стрес и оштетување на скоро на сите органи и системи, не само на дишните патишта, вели за Фактор професор д-р Драган Ѓорѓиев, советник на директорот во Институт за јавно здравје.

Вели дека загадувањето на воздухот е штетно за децата, бремените жени, старите лица.


„Поситните ПМ2.5 честички, поминувајќи ја крвно мозочната бариера можат да доведат до развој на невродегенеративни болести како што се Паркинсоновата и Алцхајмеровата болест. Посебно е под ризик здравјето на најмалите и најмладите/децата. Тие се афектирани од загадениот воздух уште додека се во матката на мајката. Изложеноста на фетусот интраутерино, доведува до покасна појава на психолошки и промени во однесувањето - анксиозност, синдром на хиперактивност и недостаток на внимание на пример. Кај нив може да дојде и до предвремено раѓање, раѓање со помала родилна тежина, помал раст или помалку развиени бели дробови. Можен е и  застој или пореметување на развојот на мозочното ткиво и интелектуалниот развој на децата, што подоцна ќе им направи покрај другото и  пречки во учењето и следењето на наставата“ – вели Ѓорѓиев.

Објаснува дека има повеќе ризични, ранливи групи население. Меѓу нив секако во прв план се децата (кои имаат поинтезивно дишење а со тоа и поголем внес на загаден воздух), потоа старите лица, болните од хронични кардиоваскуларни болести и астматичарите.

„Секако посебно се на удар и работниците кои работат на отворено, бремените жени и др. Исто така не треба да заборавиме дека еколошките хазарди како што е аерозагадувањето носат поголеми последици врз сиромашните слоеви население кои покрај другото и немаат материјални средства за живот во еколошки напредни услови на домување и лична заштита“ – рече Ѓорѓиев.

Во последните денови аерозагадувањето е намалено, а утрово средно загаден е воздухот во Скопје, Куманово, Битола, Кавадарци. Ниско загаден е воздухот  во Тетово и Кочани, а многу ниско во Дебар и Кичево. Aлармантно беше загадувањето на почетокот и на средината на месец декември. Дури Скопје беше прогласен за еден од најзагадените градови во светот. 

Хазардно е влијанието на загадениот воздух врз смртноста на населението. Во светски рамки аерозагадувањето е поврзано со повеке од 3 милиони смртни случаи (меѓу нив и многу деца), во Европскиот регион повеќе од 400 000 а кај нас околу 2000 изгубени животи се должат на аерозагадување од кои повеке од половина во Скопје. Над 90% од сите смртни случаи се случуваат во градовите.

Сања Атанасовска

Слично

Поврзани вести