ДОЗВОЛЕНО ПАРКИРАЊЕ ВО НЕКОЛКУ УЧИЛИШТА ВО ТЕТОВО: Нема веќе места за возилата, општината со ваква одлука
До почетокот на
второто полугодие, граѓаните на Тетово, како и многубројните жители на градот
кои живеат во странство, а за време на Новогодишните празници се дојдени дома,
ќе може да најдат слободно паркинг место во дворовите на неколку училишта.
Портпаролот Агрон Шаќири во изјава за Фактор вели дека ваква одлука донесе Општина Тетово со цел да се намали сообраќајниот хаос во градот и секако заради неможноста да се најде слободно место за паркирање.
- Прво, Општина Тетово на сите ученици, наставници и сите останати им посакува пријатен зимски распуст и среќна Нова година. Исто така, ги известуваме граѓаните дека дворовите на дворовите на основните училишта „Лирија“, „Гоце Делчев“, „Истикбал“, како и Гимназија „Кирил Пејчиновиќ“ и Ојектот Стара Медицина, следниот период ќе бидат прилагодени, односно отворени за користење за паркинг за сите граѓани додека трае зимскиот распуст. Ова е само привремено решение, значи само до крајот на распупстот и додека се тука нашите сограѓани дојдени од странство. Прилагодувањето на училишните дворови во паркинзи, е со цел да помогне да се намали сообраќајниот хаос во нашиот за време на новогодишните празници, посочува Шаќири за Фактор.
Инаку, граѓаните на Тетово посочуваат дека паркирањето е навистина огромен проблем во градот и дека дворот на училиштето „Лирија“ и досега го користат за паркирање за време на викендите.
-Едноставно нема место. Пајак службите се навистина ревносни. Ги креваат возилата кои се погрешно паркирани, особено оние на автобуските станици кои прават невиден хаос. Затоа и досега се користеше дворот на „Лирија“ како паркинг место, но само во викенд деновите кога не работи училиштето, вели за Фактор Денис Х. Од Тетово.
Граѓаните на Тетово се надеваат дека наскоро општината ќе најде и трајно решение за проблемот со паркирање, но истовремено и пренамена на некои локации во зелени површини.
А. Б.
ФОТО: Општина Тетово