ДОЖИВОТЕН ЗАТВОР ЗА СТОЈАНЧЕ ЗАРКОВ - ГРОФОТ: угостителот од Штип осуден за убиството на својата мајка
Казна доживотен затвор доби штипјанецот Стојанче Зарков (54) кој ја уби неговата 84-годишна мајка, Марија Заркова на 8 август 2025 во семејниот дом во Штип.
Зарков бил во алкохолизирана состојба кога ја нападнал со остар предмет мајка си и ѝ нанел смртоносна убодна рана. Пресудата, која е неправосилна, ја изрече Основниот суд во Штип.
Инаку Зарков е штипски угостител, во јавноста познат како Грофот. Пресудата ја донесе кривичниот судски совет, со кој претседаваше судијата Сашко Георгиев, во Основниот суд во Штип.
Судијата Георгиев ја објави пресудата наведувајќи дека кривичното дело било извршено на 8 август 2025 година, во раните утрински часови, по 2 часот, кога обвинетиот самиот се јавил на бројот за итни повици. Убиството било извршено со зелен нож, кој, според судот, Зарков и претходно го користел при извршување кривични дела поврзани со семејно насилство.
Судијата Георгиев вели дека според архивата на Основниот суд во Штип, Зарков неколку пати е суден за сторени кривични дела семејно насилство врз неговите сега починати родители. Зарков во текот на судењето, во два наврати даде исказ дека не се сеќава дали ја убил неговата мајка.
Пресудата беше објавена во отсуство на Зарков, кој е во притвор во Затворот-Куманово.
Инаку, во Основниот суд во Штип од 2020 до денеска изречени се три казни доживотен затвор за сторени свирепи убиства. Од нив едната е изречена лани за убиецот на штипјанката Емилија Пешева, која беше задавена, а сторителот самиот се пријави во Полициска станица-Штип.
Фото: Принтскрин/Фејсбук
