ДОЖДОТ НЕ ПОМОГНА МНОГУ: Депониите Дрисла и Вардариште и натаму горат
Дождот во Скопје не помогна да се изгаснат пожарите на депониите Дрисла и Вардариште.
На прашањето дали дождот помага, директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов вели - „Не многу“.
„Секој ден се фрлаат тони и тони вода, но чадењето продолжуваше. Се преземаат низа мерки и активности“, вели Ангелов.
Горењето на депониите го загадија воздухот во Скопје и во летните денови. Жителите на Аеродром, Ново Лисиче, Драчево, Кисела Вода и Центар постојано се жалат на неподнослива смрдеа од запалена гума и густ чад.
Ангелов пак, вчера посочи дека смрдеата што се чувствува во Скопје се должи на тоа што ветрот го сменил правецот и сега дува од депонијата кон градот.
„Вечерва, но и во текот на ноќта, продолжуваат активностите за затрупување на депонијата Дрисла, а ќе бидат дополнително засилени рано наутро“, најави тој.
Граѓаните незадоволството го искажуваат преку протест, а со денови се споделуваат снимки и фотографии од загадениот воздух и се бара и итна реакција од надлежните институции.
