ДОЖДОТ НЕ ГИ ПОКОЛЕБА: Две девојки со коњи пристигнаа во Крушево на илинденскиот марш
Драгана Каловска и Елена Мишева од Скопје се двете девојки кои оваа година се дел од групата коњаници кои пристигнаа во Крушево, во чест на празникот Илинден.
Лошите временски услови не беа пречка тие да стигнат до Крушево, и да им оддадат почит на оние кои се бореле и загинале за татковината.

„Стигнавме во Крушево завчера вечер додека имаше пороен дожд и град. Мене ова ми е втора година, а Елена прв пат доаѓа, само две девојки учествувавме. Како млади луѓе сметаме дека наша должност е да ги почитуваме и да им оддаваме чест на нашите предци кои се жртвувале за да нè ослободат од ропство. Нивното дело е големо за Македонија, тоа е она што нè мотивира и нè потикнува да дадеме барем еден мал гест за чест и почит на Илинденците. Имаме скромно искуство од предходно во јавање само рекреативно. Во принцип не е тешко да се научи да се јава ако се има доволно желба и упорност, а и дисциплина во грижа за коњите. Јас знаев точно што ме очекува со оглед на тоа што ми е втор пат, искуството од лани ми значеше многу за да ми биде за степен полесно во однос на справувањето со коњот. Елена се снајде одлично како за прв пат, а и сè што веќе имав научено можев да ѝ го пренесам, па си помагавме. На два пати нè фати невреме со поројни дождови и тоа малку повеќе ни го отежна јавањето, но издржавме и покрај физичкиот напор и тешкотиите со временските неприлики. Малку бевме разочарани од општинската управа во Велес којашто не најде за сходно да ни излезе во пресрет и да ни помогне, па бевме оставени неколку часа на пороен дожд да се снаоѓаме надвор од градот. Но, не нè обесхрабри туку ни даде поголем мотив да издржиме затоа што луѓето кои нè пречекуваа по пат ни дадоа многу позитивна енергија“ – вели Каловска.





Девојките се заблагодарија на Здружението илинденски марш од Горно Лисиче за тоа што им дале можност да бидат дел од коњаничкиот марш и благодарност до сите останати коњаници за нивната помош и поддршка по патот.
Коњаницата беше пречеката од градоначалникот на општина Крушево, Томе Христоски, кој им посака добредојде, а учесниците во коњаницата традиционално пробаа од крушевската погача и црвено вино.
Овој марш има 40 годишна традиција.
Во Крушево на прославата денеска ќе присуствува македонскиот претседател, Ѓорѓе Иванов.
Македонија денеска го слави 2 Август - Денот на републиката. Денеска е неработен ден за сите граѓани.
Сања Атанасовска
