Дождот го спречи премиерот Заев да засади багреми на автопатот Миладиновци-Штип
Премиерот Зоран Заев денеска не успеа да засади садници на автопатот Миладиновци-Штип. Го спречи дождот кој непрекинато врне.
„Ве известувме дека настанот се откажува поради лошите временски улсови“, соопштија од Владата.
А за денеска попладне беше најавено дека премиерот Зоран Заев заедно со директорот на јавното претпријатие за државни патишта, Зоран Китанов, ќе бидат дел од акцијата за засадување садници долж автопатот Миладиновци - Штип.
Според претходните најави, требаше да се засадат вкупно 600.000 багреми на косините долж најновиот автопат во Македонија.
Автопатот Миладиновци-Штип доцна летоска свечено беше пуштен во употреба. Претходно беше пуштен за сообраќај на 5 јуни. На свеченото отворање Заев ги најави 600-те илјади садници багрем.
Изградбата на автопатот во должина од 47 километри, кој чини 177 милиони евра, почна да се гради во февруари 2014 година и оригинално требаше да биде готов до март 2017.
Багремите се сметаат за најевтино долгорочно решение на ерозијата и распаѓањето на земјата од страните на автопатот.
На површина од 30 хектари, треба да се засадат околу 600,000 садници, а веќе е избран изведувач на тендер, фирмата „Хорти Дизајн“. Цената е околу 215 илјади евра. Багремот се сади на есен и е корисен во спречувањето на свлечиштата на новите делници.
Пошумувањето треба да заврши најдоцна пролетта 2020 година, но тоа ќе зависи и од временските услови во сезоните за пошумување.
