„ДОСТА СО ЛАГИ! ОТКРИЕНИ СТЕ!“: ВЛЕН издвои клучни институции каде никогаш немало вработени Албанци
Остра ракција утрово пристигна од претставниците на ВЛЕН кон опозициската ДУИ и посочија дека тие секојдневно шират „бесрамни лаги против владењето на ВЛЕН, обидувајќи се да ја измами јавноста со празни тврдења за наводно намалување на застапеноста на Албанците во институциите. Но вистината е поинаква, а фактите говорат јасно!“
Потоа укажуваат дека има бројни институции во кои никогаш немало вработени граѓани од земјава со албанска националност.
- Истата ДУИ што денеска зборува за застапеност, била 20 години на власт и за тоа време ги оставила Албанците со нула застапеност во многу клучни државни институции. Еве неколку докази за оваа хипокризија:
0 Албанци во Специјалната единица „Тигри“
0 Албанци во Специјалната единица „Волци“
0 Албанци во Единицата за брза интервенција
0 Албанци во Дирекцијата за слободни економски зони
0 Албанци во Академијата на науките
0 Албанци во Агенцијата за филм - напоменуваат од ВЛЕН.
Потоа укажуваат дека „ДУИ нема право да зборува за застапеност, таа е партијата што ја предаде Охридската рамковна спогодба и крвта на мачениците кои се бореа токму за правична застапеност и еднаквост во секоја институција“.
Според нив, за претставниците на ДУИ, Албанците во овие институции беа еднакви на нула!
- ВЛЕН нема повеќе да дозволи лагите да станат стандард. Ќе продолжиме да ја кажуваме вистината, да ја разобличуваме секоја институција каде Албанците се исклучени и да работиме за вистинска еднаквост!
А колку ВЛЕН се грижи за Албанците, покажува и фактот што само за една година владеење го донесуваме Законот за правична и соодветна застапеност, кој покрај подобрувањето на застапеноста, гарантира и поквалитетен кадар, професионалци со реално влијание во носењето одлуки.
Албанците не се бројки за манипулација, ниту нули за игнорирање. ДОСТА СО ЛАГИ! ОТКРИЕНИ СТЕ! - заклучуваат од ВЛЕН на крајот од соопштението.
