ДОСИЕ “Тврдокорни“: Ќе има ли одговорност и за организаторите?
Освен тие што физички тепаа во Собранието, одговорност мора да се бара и од организаторите и од поттикнувачите на насилните настани од 27 април – коментираат експертите. Во фикоите на Јавното обвинителство, во посебно досие се собрани информации и фотографии за организаторите. Од МВР за “Фактор“ коментираат дека сите потребни информации и податоци поврзани со настаните од крвавиот четврток, се испратени во посебна “папка“ кој ги опфаќа имињата на Борис Дамовски, Богдан Илиевски, Владо Јовановски и Игор Дурловски.
(Не) насилни протести – чија е одговорноста ?
Крвавиот четврток го урна “митот“ на ненасилни протести. Фронтмените на движењето “За заедничка Македонија“ кои повеќе од два месеци уверуваа дека протестите се мирни – сега треба да се соочат со одоговорност затоа што тие пред се требаше да обезбедат ненасилие, а не да бидат дел од такво сценарио, коментираат експертите.
“Организаторот на протестите За заедничак Македонија бил должен да обезбеди мирни протести и да има свое обезбедување. Бидејќи не го обезбедил истото треба да им се забрани понатамошно организиранје на јавни протести седодека не се промени организаторот. Секој организатор на јавен настап ( а со тоа и на јавен протест) е должен да обезбеди безбедност“ – коментрира за “Фактор“ Велин Стојановски, полковник во пензија, магистер по Национална безбедност.
И по крвавиот четврток, протестите на движењето “За заедничка Македонија“ продолжија. Европската унија, САД, НАТО и ОБСЕ во заедничка изјава ноќта, по тешките инциденти констатираа дека “Се работи за организиран напад врз Собранието“ Дел од експертите по кривично право оценуваат дека сторени се поголем број на тешки кривични дела за кои дговорност мора да се бара и од оние кои физички тепаа но и од оние кои беа водачи и поттикнувачи. Од МВР потврдуваат дека токму оргаизаторите се “третираат“ на псоебен начин, односно за нив до обвинителството на Марко Зврлевски е доставено посебно документирано досие.
“До Јавното обвинителство е доставен посебна информација за организаторите, содржи информации и фотографии за кои сметаме дека се потребни за овој случај. Практично се што имавме за нив е документирано и испратено до обвинителството. Како тоа ќе постапи зависи од самото обвинителство“ – брифираат од МВР за “Фактор“.
Дел од организаторите се повлекоа...
Богдан Илиевски, Борис Дамовски и Владо Јовановски сеуште се водачи на движењето за “За заедничка Македонија“, но се откажа Игор Дурловски, директорот на МОБ. Одлуката ја соопшти преку својот фејсбук профил. Изрази и жалење што „индиректно бил дел од насилството“, за кое вели дека неколкупати јавно го осудил.
“Шеесет дена мирни, достоинствени протести со дел од моите сонародници и многу сум горд поради тоа. Верував дека со моето дејствување ќе можам нешто да променам, дека ќе успееме да ја зачуваме Македонија таква каква што ја знаеме – унитарна! Жал ми е што индиректно бев дел од насилството, кое неколкупати јавно го осудив. Стотиците закани не ме уплашија, но тоа што ме скрши е што дел од моите сограѓани брутално ме напаѓаа поради разликите во ставовите за иднината на Македонија. Тие што ме познаваат, знаат дека моите намери се чесни и од срце. Само времето може да покаже дали биле правилни. На И4 им посакувам истрајност и разумно дејствување, редовно ќе бидам меѓу нив на улица, но, пред сè, својата поддршка за Македонија понатаму ќе ја остварувам како организатор на сопствените морални убедувања и професионално дејствување. Народот добро знае за што се залага и без мене како еден од нивните организатори. Народот не може никој да го контролира. Јас сум нераскинлив дел од мојот народ кому е потребно вистинско лидерство во овој момент. Да живее Македонија!“ - напиша Дурловски кој веќе вчера повторно беше на бината поставена на протестите. Останува нејасно зошто кратко откако се одјави, Дурловски повторно се приклучи на протестите.
Во изјава за Макфакс, Богдан Илиевски изјави дека не ги познавал напаѓачите.
“Напаѓачите не ги познавам, бидејќи имаа качулки на главите, освен напаѓачот на пратеничката Радмила Шеќеринска“ - изјави Илиевски кој останува на ставот дека пртестите се мирни и дека никој не посакувал да се случи насилство.
Преку социјалните мрежи се огласи и актерот Владо Јовановски кој објаснуваше дека не повредил никого, и никому не сторил ништо лошо, а додека бил во Собрание, изнесувал повредени и давал вода на полицајци.
“Нејсе кога пред малку го отворив компјутерот, има што да видам. Веќе ме осудиле Фејсбук “пријателите”. Ме осудиле и уште да ме запалат ако можат, без разлика што не сум сторил никому ништо лошо. Нит сум повредил некого ниту го одобрувам насилството. Ако е грев да изнесеш повреден или колабиран човек од општ хаос, тогаш е во ред. Или ако е грев тоа што во неколку наврати им давав вода на полицајците, на врата и тоа е во ред. Или тоа што се дерев таму да ме чујат со апели да нема насилство. Како и да е, само на злобниците кои од ново ме стрелаат, ќе им кажам само да не ме жалат мене, туку да се жалат себеси’’- напиша Јовановски.
МВР откако го достави досието за четворицата организатори до Јавното обвинителство, останува да се види дали и кога обвинителството ќе побара притвор или одземање на патните исправи на четири лица, за кои се тврди дека се обезбедени докази.
Ќе има ли одговорност за пратениците што ги отворија вратите ?
Министерството за внатрешни работи објави дека се идентификувани и луѓето кои ги отвориле вратите на парламентот од внатрешната страна.
“До ОЈО Скопје поднесени се извештаи за досега собраните сознанија околу лица организатори на протестот, како и лица кои што учествувале во отстранување на претходно поставената блокада на вратата од внатрешната страна од главниот влез на собраниската зграда“ – посочија од МВР.
Снимките, според дел од медиумите укажуваат дека тоа се пратеници меѓу кои Крсте Мукоски, Саше Василевски и Јохан Тарчуловски. Мукоски не сака да ги коментира овие информации.
“Во цел овој склоп на информации и шпекулации секоја изјава може да се злоупотреби. Се воздржувам од коментар бидејќи ова е сензитивен момент. Снимките за кои ме прашувате не сум ги видел и не можам ништо да кажам, само би рекол погледнете убаво дали сум јас тој на тие снимки“ – изјави пратеникот Крсте Мукоски.
Инаку, МВР информира дека секојдневно работи на нападот што се случи во Собранието и дека навремено ќе известува за активностите. До сега на издржување осумдневен притвор во затворот во Шуто Оризари испратени се осум луѓе.
Д.А.
