ДОСИЕ ТРАНСМЕТ: Се распаѓа ли империјата на градежниот могул со медиумски амбиции?
Веќе два месеци нема никава трага од бизнисменот Сеад Кочан, а нема ниту информација од Министерството за внатрешни работи кое што издаде меѓународната потерницата, дали е лоциран во која земја пребегал. Единствената информација засега во јавноста од МВР е дека ја напуштил државава со автомобил преку граничниот премин Табановце. Кривичниот суд по барање на Специјалното јавно обвнителство вчера го замрзна сиот имотот како и три сметки на градежната компанија „Трансмет“ кои се во сопственост на семејството Кочан.
Барањето на СЈО е во рамки на истражната постапка за случајот „Труст“. Замрзнувањето на имотот и на сметките значи дека, преку тие сметки не смее да се вршат никакви трансакции а имотот не смеа да се оттуѓува.Имотот на телевизијата ТВ Нова чиј сопственик е Сеад Кочан не е замрзнат, но бидејќи земјиштетото каде што е телевизијата е на „Трансмет“, тој имот не смее да се оттуѓува.Според толкувањата вакви мерки се преземаат за државата да се осигура дека ќе може да си ја надомести евентуалната штетата или да го одземе противстекнаиот имот доколку има осудителна пресуда.
Според информациите на Призма.мк, во Агенцијата за катастар за недвижности има околу 20 имотни листови кои се водат на името на „Трансмет“. Од пасишта, лозја, ниви, градежни земјишта, пензиски пумпи, до станови од кој едниот е во познатата зграда на улица „Димче Мирчев“ 20, спроти МВР. На име на „Трансмет“ се води и трговскиот центар „Емпорио“, во кој има супермаркет, ресторани, кафулиња. Сиот овој имот сега е замрзнат.
И додека за органите на прогонот Кочан се води како осомничен во бегство, неговиот адвокат Никола Додевски изминатиов период постојано тврдеше дека Кочан е на службен пат. Кочан се даде во бегство откако Кривичниот суд му одреди притвор.Изминатиов период имаше обиди за да го спасат од притвор. Првично откако му беше одредена мерката притвор, одбраната поднесе жалба до Апелацискиот суд, но оттаму го потврдија притворот.Потоа јавниот обвинител Марко Зврлески побара од Врховниот суд да му биде укинат притворот на Кочан и случајот да биде даден на повторно одлучување пред пониските судови. Засега за ова барање стои пред врховните судии,но дали ќе биде прифатено е непознато оти сеуште нема инфомрациј кога ќе има јавна седница на која врховните судии ќе одлучуваат дали Кочан ќе остане во притвор.
Првоосомничен во предметот на СЈО- „Труст“
Сеад Кочан е првоосоминичен во предметот што го отвори СЈО, по кодното име „ Труст“, а кој е поврзан со тендерот објавен од ЕЛЕМ во 2011 година за ископ на јаглен и јаловина од рудниот Суводол. Во отворениот случај второ и трето осомничени се директорот на „Силекс неметали“, Василије Авировиќ и управителот на фирмата „ВАТО“ од Скопје, Сафет Ватиќ. Според истрагата што ја отвори СЈО , сите тројца се товарат дека фалсификувале документи со кои добиле тендер од 17 милиони и 200 илјади евра од ЕЛЕМ за ископ на јаглен и јаловина од рудникот Суводол. Предмет на набавката била дробилица за ископ во јаловина во РЕК Битола.Овие три компании на тендерот настапиле како конзорциум, а главен носител била „Трансмет“. Тендерот бил распишан на 7 октомври 2011 година, а биле наведени неколку услови кои фирмите што сакале да аплицираат за зделката требало да ги исполнуваат.Првосомничениот Кочан, на тендерот доставил лажни документи дека поседува повеќе градежни машини, но и невистинити договори за наводна купопродажба и фактури дека ја набавил механизација.
Кој е Сеад Кочан?
Во јавноста важи за бизнисмен близок на ВМРО ДПМНЕ, а компанијата „Трансмет“ доминира во зделките со оваа партија. Лани ја напушти директорската функција во „Трансмет“, и стана сопственик на телевизијата „Нова“. Под кодното име Кочан се споменува и во бомбите што ги објави СДСМ. Во бомбите поранешниот премиер Никола Груевски го именуваше Кочан како „лицето што вози сеат“. Токму во еден од разговорите меѓу поранешниот премиер, Никола Груевски и поранешниот генерален директор на ЕЛЕМ, Влатко Чинговски, што го обелодени СДСМ се зборува за конзорциум што би требало да го формира лицето „Сеат Ибица“ , односно „Трансмет“ и „Силекс“, кои заедно со фирмата „ВАТО“,кои СЈО ги товари дека со лажна документација исмпумпале 17 милиони евра од РЕК Битола.
Но ова не е единствениот бизнис на Кочан. Неговата градежна компанија „Трансмет“ изминативе години беше вклучена во поголемиот дел од државните тендери. Нејзиното име се сретнува во реконструкцијата на барокните фасади на неколку институции, во изградбата на новата фонтана на плоштадот во Скопје, изградба на втората делница од трасата Кичево-Охрид, третата фаза од проширување на булеварот Митрополит Теодосиј Гологанов, изградба на велосипедска патека,а се јавува како јавно –приватно партнесрство со општина Ѓорче Петров во изградбата на бизнис центаро „Емпорио“ каде што еден дел е наменет за општинската зграда.
Според податоците од Бирото за јавни набавки, најкрупните тендери се со РЕК Битола, односно за четири години, „Трансмет“ на Кочан кеширала околу 55 милиони евра од два тендера со РЕК Битола.Оваа компанија се јавува и во неколку зделки за чистење на канали, заедно со компанијата „Силекс неметали“, санација на брани и изградба на пристапни патишата. Од СДСМ лани обвинија дека само во 2014 и во 2015 година, компанијата „Трансмет“, добила 4 милиони евра за изградба на пристапен пат за браната „Речани“ на Оризарска Река, Кочани, и за санација на браната Пишица, во Пробиштип, за потребите на Управата за водостопанство, од Платежната агенција 700.000 евра за чистење на канали за одводнување и наводнување.
Т.С
