Економија, финансии, бизнис

Контакт

ДОСИЕ РАШКОВСКИ: Професор, иноватор и доверлив човек на премиерот Заев - како седна на обвинителна клупа

ДОСИЕ РАШКОВСКИ: Професор, иноватор и доверлив човек на премиерот Заев - како седна на обвинителна клупа

Беше човек од доверба на премиерот Зоран Заев и еден од поистурените државни функционери, иако не сакаше премногу да се експонира во јавноста. Струмичанец по потекло, ја уживаше неговта блискост, но на крајот премиерот пресече дека конечниот збор во овој случај ќе го имаат правосудните органи.

Поранешниот генерален секретар на Владата освен што беше професор на Правниот факултет, со три магистратури и два доктората, е и иноватор со повеќе правно-технолошки пронајдоци кои може директно да се применат во демократските процеси.

Кога се откри аферата за софтверот за сообраќајни прекршоци за која сега има обвинение, некаде во април годинава, реши да си даде оставка од функцијата.

„Почитуван Претседател на Владата, кога политиката (политикантството) ќе станат погласни од природните науки, тогаш работната атмосфера станува непогодна за некој кој е научен во се да ја бара логиката. Токму заради тоа до вас го доставувам ова неотповикливо повикување од функцијата. 

Мојата улога и со оваа функција и со претходната како генерален секретар беше да му дадеме една нова динамична димензија на општествениот живот. Секретар, каков и да е, може да е обичен писар, но може да е и еден од главните двигатели....“, пишуваше меѓу другото Рашковски.

Набргу потоа Драги Рашковски беше приведен, откако Основното јавно обвинителство за организиран криминал и корупција донело наредба за истрага во случајот со набавката на софтверот за сообраќајни прекршоци.

Нема недопирливи, законот важи еднакво за сите, иако Драги Рашковски беше секретар во мојот кабинет, рече истиот ден премиерот Зоран Заев за уапсениот Рашковски, за кого обвинителството побара притвор од 30 дена.

Но, Заев побара и да се почитува презупцијата на невиност.

Нагласи дека таа јавна набавка за која се товари Рашковски била спроведена согласно со законите и деловникот за работа на Владата.

„Тоа е она што јас го видов, може да се докаже дека истражните органи имале поинакво гледање, но на крај ќе пресече судот, негов е конечниот став. Не може да го осудиме човекот пред судот“, рече Заев.

Тој нагласи дека земјава има многу жртви од сообраќајни несреќи, има лица кои останале инвалиди, државата губи големи суми пари од тие несреќи. 

„Затоа се правеле вакви анализи. Немаме софтвер на Рашковски. Постапката е спроведена согласно законот, јас немам резерви околу тоа, ако имав прв ќе соопштев. Можеби сум пристрасен, можеби не но затоа постојат независни институци“, рече Заев.

Важна е пораката дека никој не е недопирлив но и никој не е виновен додека не му се докаже вината, нагласи премиерот.

Премиерот негираше дека ја држи страната на Рашковски, и повтори дека ако можеби е пристрасен, конечниот збор ќе ги кажат инститтуциите.

Рашковски доби 30 дена ефективен притвор, а потоа низ деновите се дозна дека имотот на Рашковски навреме им бил префрлен на децата, за што алармираа антикорупционерите.

Потоа Рашковски понуди 500.000 евра за да оди во куќен притвор, а обвинителите со тоа се согласија, и Рашковски отиде во куќен притвор. 

Во меѓувреме јавноста се занимаваше и со негово излегување од куќниот притвор, а причината била да оди на лекар.

Вчера и официјално обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција обзнани дека е поднесено обвинение против Рашковски. 

Од таму нагласија дека по неколкумесечна истражна постапка надлежен јавен обвинител поднел обвинение против седум лица.

На првообвинетиот му се става на товар дека сторил продолжено кривично дело Злоупотреба на службената положба и овластување и кривично дело Перење пари и други приноси од казниво дело, второ и трето обвинетите се товарат за помагање во извршување на кривичното дело Злоупотреба на службената положба и овластување, додека останатите лица се обвинети дека помагајќи сториле по едно кривично дело Злоупотреба на службената положба и овластување.

„Во временскиот период од јуни 2017 година до февруари 2021 година, во Генералниот секретаријат на Владата на Р.С.Македонија, првообвинетиот, како службено лице, со умисла помогнат од второ и трето обвинетите, надворешни соработници, искористувајќи исти прилики, тројцата извршиле повеќе временски поврзани дејствија, што претставуваат повеќекратно остварување на исто дело.

Првообвинетиот не ги извршил своите службени должности при спроведување на четири постапки за јавна набавка за Систем за биометриска идентификација, јавна набавка на Софтвер за определување на просечна брзина на возила во сообраќајот и изрекување на казни, набавка на стоки – ANPR камери за препознавање на регистарски таблички за возила и јавна набавка на работи – метални кабини за потребите на системот на биометриска идентификација и систем за автоматско препознавање на регистарски таблици. Во една од постапките за јавна набавка, со умисла во сторувањето на кривичното дело му помогнал и четвротообвинетиот, сопственик и управител на економски оператор.

„Првообвинетиот јавните набавки ги спровел спротивно на начелото за економичност, ефикасност и ефективно користење на јавните средства, утврдени во согласност со прописите што го уредуваат користењето на буџетските средства, дал насоки за изготвување на техничка спецификација за јавната набавка во консултации со подизведувач и со учесници во постапката, во текот на постапката за јавната набавка комуникацијата не ја вршеле со користење на електронски средства преку ЕСЈН, туку лично, дефинирал технички спецификации што упатуваат на конкретен патент, не извршил имплементирање и обуки на она за што биле склучени договорите за јавни набавки, со што за четирите економски оператори прибавил корист – право да учествуваат во постапките за јавни набавки и да склучат договори за истите и им овозможил да се стекнат со имотна корист во вкупен износ од 17.474.137,00 денари“, се вели во соопштението на Обвинителството. 

Воедно, првообвинетиот, како службено лице, го искористил службеното овластување, да склучува авторски договори со физички лица, иако знаел дека шесто и седмообвинетите воопшто не ги извршувале своите работни задачи согласно склучените договори, сепак им исплаќал месечни хонорари.

Второобвинетиот и шесто и седмообвинетите согласно договорот што го имале со првообвинетиот за поделба на паричните средства подигнувале дел од исплатените средства во готовина со цел да му ги предадат на првообвинетиот. Со овие дејствија е нанесена штета на Буџетот на Р.С.Македонија во вкупен износ од 1.320.000,00 денари.

Во временскиот период од 05.06.2017 година до 05.05.2021 година, во Скопје, првообвинетиот, пуштил во оптек пари во вкупен износ од 5.378.319,00 денари, за кои знаел дека потекнуваат од кривично дело, па со намера да го прикрие потеклото на паричните средства во повеќе наврати, откако ќе ги добиел парите од кривичното дело, ги пуштал во промет вршејќи готовинска уплата на сопствените сметки и банкарски картички и на сметките на членовите на своето семејство, а исто така предвремено ги исплатил претходно земените кредити.

Ценејќи дека околностите врз основа на кои на првообвинетиот и четврто обвинетиот им се определени мерки за обезбедување се непроменети и дека целта на куќниот притвор, определена од судија на претходна постапка, не би можела да се оствари со некоја друга мерка за обезбедување, предметниот обвинител со Обвинителниот акт достави и посебен предлог за продолжување на куќниот притвор спрема двете лица.

Исто така, со обвинителен акт согласно чл.118 ст.2 в.в со чл.120 од ЗКП, е предложено да биде определена привремена мерка за обезбедување на имотно – правно барање на износ од 5.050.000,00 денари, за сторената штета во вкупен износ од 18.794.137,00 денари што настанала поради извршување на кривичното дело, додаваат од Обинителството. 

Н.Н.Ф.

Слично

Поврзани вести