ДОСИЕ: Лидија Неделкова - осудена од актуелната власт уште во 2012
Лидија Неделкова денеска е разрешена како врховен судија од страна на Судскиот совет. Таа ќе остане запаметена како поранешна претседателка на Врховниот суд, откако на таа функција во 2012 беше избрана истовремено кога и Владимир Панчевски беше избран за претседател на Основен суд Скопје 1, односно за најголемиот кривичен суд во земјата.
Тогашната опозиција за нејзиниот избор рече дека претставува уште еден атак врз независното и професионално судство и пример како судството станува целосен заложник на извршната власт. СДСМ тогаш истакна дека таа ќе наметне контролирање на политички мотивираните судски процеси кои ги бара тогашниот „режим“..
Врховниот суд пред две години поднесе кривична пријава против поранешната претседателка на судот која „во својство на претседател на Одделот за казниви дела во Врховниот суд изготвила писмо со невистинита содржина адресирано до кривичниот суд Скопје 1 откако истиот суд барал насоки како да се однесува со истрагите на СЈО“.
Неделкова во „бомбите“ на СДСМ беше спомената дека од судијката Лидија Петровска подарувала сваровски накит, а во 2018 се соочи со кривична пријава која и ја поднесе тогашниот претседател на Врховниот суд, Јово Вангеловски.
Ривалството со Вангеловски продолжува и минатата година кога тој донесе поединечни решенија за додатоци за плата за ноември 2018 година за сите судии, но не и за судијката Неделкова, за што тој доби обвинение.
Со изземањето на Неделкова свесно, со намера потешко да и ги повреди правата, обвинетиот не донел Решение за исплата на додаток на плата во износ од 31.839 денари за оштетената – судија во Врховниот суд.
Овој месец Јавното обвинителство ја отфрли кривичната пријава што ја поднесе Неделкова, против претседателот и двајца члена на Судскиот совет. Ова го соопшти Основното јавно обвинителство Скопје, а кривичната пријава беше поднесена за злоупотреба на службената положба.
