Досега 500 службени возила со променети таблици во боја
Досега, околу 500 државни возила се опремени со специјализирани црвени регистарски таблички како дел од кампањата на Владата за спречување на злоупотреба на државни ресурси за време на изборната кампања.
Директорот на Службата за општи и заеднички работи на Владата, Ивица Томовски, објави дека граѓаните ќе можат да пријават злоупотреба преку посебен телефон и е-пошта. Во моментов, државата поседува околу 7.500 службени возила, вклучувајќи ги и оние на безбедносните агенции, кои нема да имаат црвени регистарски таблички.
„Граѓаните практично ќе можат да пријавуваат злоупотреби, потенцијални злоупотреби и можни злоупотреби. Тие ќе можат да ни бидат испратени нам, на службата, а сега ние како институција ќе ги испраќаме до сите тие институции. Ги молам сите државни институции да се обидат да ги рационализираат сите тие возила што ги имаат, бидејќи многу од нив се во нефункционална состојба. Вкупниот број на возила е околу 7.500 возила, но тука морам да нагласам дека тие 7.500 возила се и возила на Министерството за внатрешни работи, Армијата, безбедносните сили и Службата за итни интервенции. Не очекувам дека ќе имаме повеќе од 1.500 до 2.000 возила на државно ниво“, изјави Ивица Томовски, директор на Службата за општи и заеднички работи на Владата.
