ДОНИРАЊЕТО ХРАНА ДОБИВА ЗАКОНСКА ФОРМА: Ќе се намалат ли количините кои завршуваат на депонија?
Донирањето на храната, поточно на вишокот храна ќе се озакони, што би требало да придонесе за поголема искористеност на храната, која наместо кај лицата на кои им е потребна, сега завршува на депониите. Идејата за озаконување на можноста на донирање на хранта не е воопшто нова, напротив невладини здруженија се обидуваат да го озаконат овој сегмент со намера повеќе компании да бидат вклучени во донациите, а со тоа и повеќе граѓани од ранливите категории да бидат опфатени во програмите и да добиваат од храната која сега оди во отпад.
- Со носењето на законот ќе се овозможи правна рамка која ќе обезбеди олеснети процедури и брза прераспределба на храната од донатор на вишок на храна до краен корисник. Ќе се воспостави транспарентен начин на прераспределба на храна преку електронска платформа како централна база на податоци за количини на донирана храна, регистрирани оператори со храна кој досега не постоеше и ќе се поттикнат донатори на вишок на храна да донираат на оној на кој му треба – се наведува во причините за изработка на овој закон.
Како што пишува во нацрт законот поставен на платоформата ЕНЕР се уредуваат условите, начинот и постапката на донирање на вишок храна, воспоставување на систем на донирање на вишок храна,спречување на создавањето отпад од храна, регистрирање оператори со донирана храна-посредници, се определуваат и крајните корисници како и органите надлежни за регистрација и надзор над операторите со донирана вишок храна-посредници.
Главните цели на законот се организирање ефективен проток на безбедна вишок храна преку системот за донирање до корисниците утврдени со законот. Потоа придонес кон човековото право за пристап до храна, овозможување усогласено одвивање на процесот согласно начелата на солидарност, хуманост и начелата за хигиена и безбедност на храната иограничување на негативните ефекти врз животната средина преку намалување на отпадот од храна.
Со законот е дефинирано дека за донација не може да се прифати храна која е послужена со кетеринг активности, ниту пак кога донаторот на храна го врши тоа надвор од одредбите назаконот, но не смее да се донира ниту храна која се користи од страна на домаќинствата.
Под „вишок храна“ се мисли на храна која е произведена и ставена во промет согласно Законот за безбедност на храната. Станува збор за храна коа e:непродаденa или непобаранa заради недостаток на побарувачка,повлечена од продажба бидејќи не ги задоволува стандардите на продажба на фирмата, храна на која и се приближува крајниот рок на траење, залихи, како и храна која поради технички недостатоци (недостатоци во ознаките, пакувањето, тежината, грешки во производството,оштетувања од метеоролошки услови и други физички недостатоци) не може да се пушти во промет, а која ги исполнува условите согласно прописите од областа на безбедност на храна. Во истата категорија спаѓаат и земјоделски производи од растително потекло, неискористена храна подготвена во маркети и угостителски објекти за исхрана,финални пекарски производи и дериватите на тесто од брашно произведени во пекарницикои немаат потреба од термички третман кои не се продадени или управувани во рок од 24 часа по производството, како и конфискувана храна безбедна за употреба.
Законот утврдува дека донирањето ќе се прави без профит, дека донарот може да биде физичко и правно лице кое исто така донациите ќе ги прави без профит, односно за општествена корист.
- Краен корисник на донирана храна е физичко лице кое има потреба од храна. Корисници се даватели на социјални услуги за дневен и привремен престој и за вон семејна заштита, народни кујни, верски заедници и религиозни групи. Оператор со донирана вишок храна – посредник е домашно правно лице кое врши прибирање на донации од вишок храна за краен корисник. Прифатен центар за донирана вишок храна е објект кој се користи од страна на операторот со донирана вишок храна за складирање на донираната вишок храна до прераспределба на донираната храна до корисниците – стои во законското решение поставено на ЕНЕР.
Вишокот храна ќе се дистрибуира до корисниците преку посредници. Притоа посредникот мора да издаде приемница потпишана од двете страни, донаторот и корисникот. Исто така дефинирано е дека посредникот не може да прими добра и услуга од корисниците како замена за дистрибуираната храна. Тој не смее ниту да добива од донираната храна.
Корисници на вишокот храна се корисници на парични права и социјални услуги согласно Законот за социјална заштита, корисници на право на социјална сигурност на стари лица, корисници на посебен додаток, лица погодени од елементарна непогода, лица и домаќинства со вкупни приходи во висина до минималната плата, корисници од сите групи на пензионери со најнизок износ на пензија и бездомни лица и лица вклучени во програми за ресоцијализација.
Законот утврдува дека не смее да се донира храна на која и е поминат рокот на траење втиснат на амбалажата, односно храна која не е безбедна.
Инспекциски надзор над одредбите од овој закон врши Агенција за храна и ветеринарство преку инспектори за храна, Државниот инспекторат за земјоделство преку државни фитосанитарни инспектори и Државен инспекторат за животна средина во соработка со овластени инспектори за животна средина на општините, општините на градот Скопје и Државниот комунален инспектор.
- Глоба во износ од 300 евра во денарска противвредност ќе му се изрече на донаторот доколку нема договор во писмена форма согласно законот за облигациони односи. Ако храната која се донира е небезбедна и не ги исполнува прописите за безбедност на храна, донира храна на кој и е поминат рокот на траење втиснат на амбалажата, не води евиденција за донираната храна и податоците за реализирани количини на донирана храна за претходниот месец/година, не ги доставува до систем операторот – се наведува во законот.
Глоба во износ од 1000 евра во денарска противвредност ќе му се изрече на посредникот доколку: примаат добра и услуги од корисниците и крајните корисници во замена за дистрибуирана вишок храна, се стекнуваат со добивка од донираната вишок храна која ја дистрибиураат како помош и донација до корисниците и крајните корисници, донираната вишок храна ја дистрибуира до корисниците со надомест или пак донираната вишок храна е предмет на промет и се користи за други цели надвор од пропишаните.
Исто така предвидена е глоба ако при распределба на вишок храна на корисниците и крајните корисници не води приемница потпишана од корисникот на вишокот на храна или ако донира надвор од одредбите, работат без да бидат регистрирани како оператори со донирана вишок храна, донирабез придржување до роковите, доставува храна до крајниот корисник во форма различна одпримената од донаторот, не води евиденција за донираната храна и на договорите за донација помеѓу донаторот и операторот со донирана вишок храна или пак податоците за реализирани количини на донирана храна за претходниот месец/година, не ги доставува до систем операторот.
Досега невладините здруженија кои веќе работат на ова поле укажуваа дека недостига закон со кој би се поттикнале компаниите да донираат храна. Според нивните податоци, количината храна што може, а не се употребува – во Македонија годишно се фрлаат околу 12.000 тони храна, со која може да се нахранат 26.000 граѓани. Државава е во високите 10 места во светот по фрлање храна, во услови кога околу 460.000 илјади граѓани живеат под прагот на сиромаштијата и не можат да обезбедат по три оброци дневно. Процените се дека вкупните вишоци храна кај нас надминуваат 100.000 тони годишно.
П.О.
