Економија, финансии, бизнис

Контакт

Донесена пресуда за „Монструм“: Доживотен затвор за Демири и браќата Исмаиловиќ

Донесена пресуда за „Монструм“: Доживотен затвор за Демири и браќата Исмаиловиќ

Халил Демири и браќата Агим и Африм Исмаиловиќ за тероризам се осудени на казна затвор доживотно во денешната првостепена пресуда од Кривичниот суд за петкратното убиство на Смилковското езеро во 2012. Хаки Азири за помагање е осуден по пет години затвор за секое дело, односно на 9 години, во кое му се смета и времето поминато во притвор, односно затвор. Фејзи Азири е осуден на 15 години затвор, заедно со времето поминато во затвор и притвор.

- Ова е комплексно дејствие и не може поединечно да се третира како посебно дела, со цел внесување на чувство на несигурност и страв кај граѓаните. Станува збор за здружување за зголемување на вкупниот криминален капацитет. Овде не се работи за обичен кривично-правен настан, туку за монструозно убивање на деца кои едвај станале полнолетни, и уште еден млад човек. Замислете ги една секунда пред убиството, кои се уште не навлегле во животот со сите негови убавини. Сигурно се прашувале - зошто ние? што лошо сме сториле? Замислете ја и психолошката бездна на родителите, рече судијата Огнен Ставрев.

Одбраната на обвинетите, во завршен збор, рече дека случајот „Монструм“ е целосно исконструиран и синоним на случајот „Драјфус“, со тоа што има подалекусежни последици бидејќи шест невини лица беа осудени на доживотен затвор. Според нив, очигледно е дека обвинителството не обезбедило доволно докази и има само голи индиции и не ги докажува претпоставките за можен мотив.

Од друга страна, одбраната на семејствата на жртвите, во завршен збор на Судот му порача дека има обврска и кон семејствата, но и кон целата јавност да дадат одговор што се случило на 12 април 2012 година, и повторно побара екстрадиција на двајцата обвинети од Косово.

Во претходна постапка за убиството на момчињата Кире Тричковски, Филип Славковски, Цветанчо Ацковски, Александар Наќевски и рибарот Борче Стефановски на доживотен затвор беа осудени Алил Демири, Африм и Агим Исмаиловиќ, Езим и Хаки Азири и Сами Љута. Врховниот суд во декември 2017 година ги укина пресудите, ги ослободи од притвор осудените Агим Исмаиловиќ, Хаќи Азири, Сами Љута и Фејзи Азири и им определи мерки на претпазливост.

По укинувањето на пресудите, предметот беше вратен на повторно судење и случајот во март 2018 гдина го презеде поранешното СЈО. Во септември 2019 година предметите на СЈО ги презема Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и беа доверени на јавните обвинители кои дотогаш постапувале по конкретните предмети.


Слично

Поврзани вести