Донесен предлог-законот за пушење, Мицкоски најави примена без повластени
Премиерот Христијан Мицкоски соопшти дека предлог-законот за пушење е подготвен по консултации со сите засегнати страни и најави дека неговата примена ќе биде еднаква за сите, без исклучоци и повластени категории.
Според Мицкоски, законското решение не било носено ад хок, ниту по принцип на сила, туку преку инклузивен процес во кој биле вклучени здруженија, производители, дистрибутери, хотелиери, сопственици на ресторани, ноќни клубови и други засегнати страни.
„Целта на Владата е да ги следиме тековите и да се бориме да имаме што помалку луѓе кои консумираат тутун. Тоа е една од нашите клучни политики“, наведе Мицкоски.
Тој истакна дека очекува законот доследно да се применува на целата територија на државата.
Мицкоски им се заблагодари на министерот за здравство, на неговиот кабинет и на сите кои биле вклучени во подготовката на законското решение, оценувајќи дека процесот бил конструктивен.
