Дончев: Германската болница не понуди лекување на Ева
Три понуди за лекување на малата Ева Крстановска добил Фондот за здравствено осигурување (ФЗОМ), но германската болница не била меѓу нив, рече денеска директорот на Фондот Ден Дончев. Изјави дека добиле понуди од две болници од Турција и една од Италија и во рок од 48 часа одлучиле единаесетгодишната Ева да замине на лекување во турската болница. Таа за жал почина завчера. Дончев вели дека не чувствува одговорност, а жали за трагедијата.
„Лично сочуствувам, вашето прашање е тенденциозно, ова беше ремисија, беше втор пат, пациентката беше во многу лоша состојба. Распрашајте се за нејзината здравствена состојба, рече Дончев.
Одлуката Ева да се лекува во Турција била донесена на 28.06 годинава и за тоа биле издвоени 145.000 евра со кои требало да се изврши трансплантација на коскена срцевина и хемо-терапија. Дончев вели дека државата обезбедила пари и дека оваа понуда не била најевтината. Контактирале со германската болница, но оттаму не добиле понуда поради што побарале друга опција.
Македонија беше потресена од смртта на Ева Крстановска од охридското слео Коњско, а за нејзиното лекување се собираа пари од донации. Родителите сметале дека е подобро лекувањето да биде во германска болница. Затоа ја одбија понудата од ФЗОМ по што приложиле и приговор до Фондот.
