ДОМ со целосна поддршка за граѓаните на референдумот во Богданци против рудник за злато
Зелената партија ДОМ изрази поддршка за референдумот во Богданци на кој во недела граѓаните треба да се изразат дали се за или против изградба на рудник за злато во соседната општина Валандово.
„Наместо рудник со лужење на рудата во базени со киселина, граѓаните имаат шанса да изберат здрав живот со практикување модерни и чисти технологии, како што се ветерници, сончеви панели за топла вода и производство на струја, современо органско земјоделие и преработка, рурален туризам како и информатички технологии. Дел од оваа зелена економија веќе се применува во регионот, а има огромни можности за проширување, со силна поддршка од домашниот буџет и европски фондови за рурален развој“, соопшти ДОМ.
Според партијата, во Македонија мора да се напушти принципот на какво било вработување, па и по цена на здравјето, какво што нудат поддржувачите на отворање рудници со валкани технологии.
„Вистинските потенцијали на Богданци, исто како и на Гевгелија, Валандово, Дојран и другите региони, лежат во чистата и одржлива зелена економија, која обезбедува и работа, и здравје“, се додава во соопштението.
