Економија, финансии, бизнис

Контакт

Долго топло лето: Пасошите во суд, ќелиите засега празни!

Долго топло лето: Пасошите во суд, ќелиите засега празни!

Поранешниот началник на Петта управа во УБК, Горан Грујовски, бизнисменот Сеад Кочан и градоначалникот на Битола, Владимир Талески, судејќи според судските одлуки биле најризични да избегаат од земјава. Грујовски кој е обвинет во случајот „Тврдина“ доби мерка 30 дневен притвор и тој беше единствениот од сите обвинети од СЈО, кој со лисици на рацете, во полициска „марица“ беше однесен во истражниот затвор во Шутка. Грујовски во ќелијата помина само неколку дена, по што доби поблага мерка на претпазливост – домашен притвор.

Најдолго во домашен притвор беше градоначалникот на Битола, Владимир Талески. Ваква мерка на претпазливост лани му изрече Кривичниот совет на Основниот суд Скопје 1 и тој три месеци ги помина дома. Домашниот притвор во септември му го укина Апелациониот суд во Скопје и тој доби обврска секој понеделник и петок да се јавува во битолскиот суд. Талески е обвинет во случајот „Транспортер“ за злоупотреба на 360.000 евра буџетски пари поради незаконско организирање на транспортот на ученици. Но, тој од сите досегашни обвинети за кои СЈО побара притвор, судејќи според изречениот домашен притвор, излегува дека бил најризичен и дека би можел да избега.

Затворски притвор од 30 дена му беше доделен и на бизнисменот Сеад Кочан, обвинет во случајот „Труст“. Но, тој не помина ни една ноќ во затворот во Шутка, зошто два месеца беше во бегство и се врати кога Апелациониот суд ја укина мерката.

Нула притвори за обвинетите за тешки кривични дела

Судот досега ги одби сите 13 барања за притвор на Специјалното јавно обвинителство. Кривичните совети во судот наместо најстрогата мерка на претпазливост во 11 случаи се одлучил за поблаги мерки – одземање на пасошот и обврска да се јавуваат еднаш неделно во судот.

Без пасоши останаа: Сашо Мијалков, поранешен директор на УБК, Владимир Пешевски- поранешен вицепремиер, Елизабета Канческа Милевска- поранешна министерка за култура, Тони Трајковски- градоначалник на Гази Баба и Горан Грујовски- поранешен началник на петтата управа во УБК.

Ниту еден од овие обвинети нема да смее да ја напушти Македонија се додека пасошот се наоѓа во судот.

Освен нив, ова долго топло лето во земјава ќе го минат и обвинетите во случајот „Тифани“ и „Тотал“, новинарите Ивона Талевска и Драган Павловиќ Латас, на кои исто така судот реши да им ги задржи пасошите поради опасност од бегство.

Единствени кои досега не добија никаква мерка за претпаливост се пратеникот од ДУИ, Ејуп Алими и Исмет Гури- поранешен член на ОИКЧаир.

Груевски во исчекување

Судот останува да се произнесе за преостанатите барања за определување притвор, во случајот „Титаник“, меѓу кои и за врвот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, Мартин Протоѓер, Кирил Божиновски, Миле Јанакиески и Гордана Јанкулоска. Одлуката за овие обвинети ќе биде соопштена денеска.

Поранешниот премиер и претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, е обвинет во пет случаи. Но само за Титаник, СЈО бара притвор за него. Груевски е обвинет за злосторничко здружување, злоупотреба на финансирање на изборна кампања и повреда на избирачко право.

Тој е обвинет и во случајот Т.Н.Т, за уривањето на објектот Космос на бизнисменот Фијат Цаноски, дека ја злоупотребил службена должност и овластувања. За овој случај СЈО не бара никакви мерки за обезбедување.

Во случај Кривичниот совет да одлучи позитивно по барањето на СЈО, за Груевски прво треба да побара од Собранието да му се укине пратеничкиот имунитет. Одлуката се носи со просто мнозинство.

Ј.М.


Слично

Поврзани вести