ДОЛГА Е ЛИСТАТА НА ЗЕМЈИТЕ КОИ ПОМОГНАА ПОСЛЕ ПОЖАРОТ ВО КОЧАНИ: Сиљановска-Давкова се заблагодари на сите
Претседателката на државата, Гордана Сиљановска-Давкова, во име на македонските граѓани и во свое лично име, изразува најискрена благодарност до сите пријателски држави што во моментите на национална трагедија помогнаа по пожарот во Кочани, каде настрадаа 59 луѓе.
„Ангажманот на нивните медицински тимови, подготвеноста на авионите и хеликоптерите за итна интервенција, отворањето на здравствените установи за повредените граѓани, како и активирањето на европскиот механизам за цивилна заштита, испратија недвосмислена и силна порака дека во најтешките моменти не сме сами. Тие ја делеа болката со нас, а нивната грижа стана наш заеднички лек. Ја почувствувавме силата на вистинското пријателство преку нивната присутност и поддршка, којашто ќе остане врежана во колективната меморија на нашиот народ. Тажно е што низ болката и ненадоместливата загуба ја спознавме суштинската поврзаност со светот и длабокото чувство на припадност, нешто што не требаше да биде плод на трагедија. Од срце сме им благодарни“, се вели во благодарницата на Сиљановска Давкова
Од кабинетот на Претседателката велат дека никогаш нема да ја заборавиме помошта од:
Република Србија
Република Бугарија
Република Турција
Хеленската Република
Кралството Шпанија
Република Австрија
Унгарија
Република Хрватска
Кралството Белгија
Италијанската Република
Република Литванија
Република Словенија
Кралството Шведска
Република Полска
Државата Израел
Република Чешка
Обединетото Кралство
Сојузна Република Германија
Големото Војводство Луксембург
Кралството Норвешка
Романија
Република Албанија
Босна и Херцеговина
Кралството Холандија
Република Финска
Француската Република
ЕУ
Повеќето повредени се вратени во земјава откако добија здравствена грижа и нега во странство.