„Долга е листата на скандали, афери и наместени тендери на СДС“: ВМРО со контра реплика до опозицијата
СДС стигна до тоа дереџе да држи пресови кој и каде е вработен во приватни компании и тоа да го претставува за наводен скандал, се наведува во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ, како реакција на денешната пресконференција на опозициската партија.
- За да не биде скандал, СДС да појасни дали тој човек не треба да работи во таа фирма или не треба да работи никаде?
Вчера тврдеа дека прво вработениот во споменатата фирма бил роднина на Димче Арсовски и откако спинот им заврши на буниште смислија нов спин, за да се себе оправдаат.
Ова е резултат на очајот и паниката, но пред сè безидејноста во редовите на СДС - се наведува во соопштението на ВРМО-ДПМНЕ испратено до медиумите.
Од партијата, како одговор на тврдењата на портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска за сопственикот на компанијата која ги добила милионските тендери, поврзувајќи го со случајот познат под името „Таргет Тврдина“, велат дека нивната партија е носител на борјни афери.
- Ги потсетуваме на безбројните афери чиј носител е СДС и нивниот лидер Венко, како „Шпанско село 2“ каде Филипче се стекна со огромен имот на Водно, сомнителните тендери во РЕК Битола и ЕСМ за набавка на јаглен од која фирма, исто така Филипче профитирал и тоа на поклон добил луксузен џип аудито Q8.
Да не ги заборавиме крвавите тендери, планираната набавка на вакцини во корона периодот за цени три пати повисоки од пазарните и тоа од фирми за овошје, ни криминалната приватизацијата на стерилизација во јавните здравствени институции, како ни модуларната болница во Тетово во која живи изгореа 14 луѓе за две минути, и тоа за профит од 20%, сето ова во време на министерувањето на Венко Филипче - потенцираат од владејачката партија.
Воедно од таму додаваат дека не треба да се заборават ниту криминалите на Драги Рашковски кој, како Генерален секретар на влада си спроведуваше тендерски постапки за набавка на софтвери за кои никој ниту знаел, ниту ги користел.
- Потсетуваме и на државното земјиште кое сопругата на Ковачевски го доби од неговата влада за изградба на фотоволтаици, како и на фирмите, исто така за фотоволтаици, на браќата на Заев и Филипче во Дојран за која добиле дозволи во рекордно брзо време.
Долга е листата на скандали, афери и наместени тендери од страна на СДС, затоа до исчекување на следниот спин, на СДС им порачуваме да си ги погледнат своите редови и редно е да ги исчистат од нивните докажани криминални структури, кои сакаат да ги продадат како нови лица - напоменусваат од ВМРО-ДПМНЕ.
