Документите за Грујевски и Бошкоски пратени во Грција - кога се очекува екстрадиција?
Министерството за правда ги испратило документите за екстрадиција на поранешниот началник на Петтата управа, Горан Грујевски и вработениот во УБК, Никола Бошкоски во Грција.
Од Министерството наведуваат дека не се знае кога може да се очекува нивната екстрадиција во земјава. Судењето во Солун е закажано за 1 декември. Двајцата се наоѓаат во екстрадиционен притвор. Таму се гонат за лажни документи.
Грујевски и Бошкоски се обвинети од Специјалното јавно обвинителство за нелегално прислушување и за уништување на системите за прислушување, случаи познати како „Тврдина“, „Таргет“ и „Тврдина 2“.
Македонските власти по нив имаа распишано меѓународни потерници, а тие беа уапсени на аеродромот во Солун на 18 октомври, кога сакале со лажни бугарски пасоши да заминат со авион за Будимпешта.
