Економија, финансии, бизнис

Контакт

ДОКТОРКА КАТЕ СИ ЗАМИНУВА, ИАКО НИКОЈ НЕ МОЖЕ ДА JA ЗАМЕНИ: Повредените од Кочани се загрижени

ДОКТОРКА КАТЕ СИ ЗАМИНУВА, ИАКО НИКОЈ НЕ МОЖЕ ДА JA ЗАМЕНИ: Повредените од Кочани се загрижени

Повредените од пожарот во Кочани, преку писмен допис до јавноста, реагираат на најавените кадровски промени во Општата болница со проширена дејност, кои, како што предупредуваат, сериозно ќе влијаат на нивниот третман и лекување.

„Чувствуваме должност и потреба да се обратиме јавно поради сериозна и загрижувачка промена во нашата здравствена нега. Ја информираме јавноста дека од понеделник, 1 јуни, докторката Катерина Паниќ – нашата докторка Кате, која беше наш главен доктор и поддршка во целиот период на опоравување – повеќе нема да биде дел од ЈЗУ Општата болница – Кочани. Таа заминува во друга болница, иако никој не може да ја замени. Сè уште немаме информации кој ќе дојде на нејзино место и каков ќе биде понатамошниот пристап кон нашето лекување“, се вели во дописот.

Повредените додаваат дека живеат во страв и неизвесност и се чувствуваат напуштени од државата.

„Вистината е – не знаеме што нè чека утре. Никој не ни кажува кој ќе дојде после неа или како ќе изгледа нашата понатамошна грижа. Се прашуваме дали пак ќе останеме сами? Повеќе не веруваме. И сакаме сите да знаете – не е исто. Не е исто кога некој само ја пополнува смената, и кога некој навистина се грижи. Ние тоа го чувствуваме секој ден, на секој преглед, во секој здив од болка. Докторката Кате не беше само лекар – таа беше наша надеж, сила и стабилност. Начинот на кој ни пристапуваше со човечност, посветеност и разбирање не може да се замени. Во неа стекнавме длабока доверба – доверба што не доаѓа лесно кога се поминува низ траума и неизвесност“, додаваат повредените.

Од Општата болница во Кочани потврдија дека докторката Катерина Паниќ-Мирчовска уште на почетокот од годинава поднела лично барање за прекин на работниот однос, поради нов ангажман во градската болница „8 Септември“ во Скопје. Според болницата, нејзиното заминување било најавено многу порано.

Слично

Поврзани вести