Докторите излегоа „попарени“ од состанокот во Владата
Претставниците на Самостојниот Синдикат на Универзитетски клиники излегоа како „попарени“ од кабинетот на премиерот Зоран Заев во Владата на Македонија, откако таму им било кажано дека нема да има зголемување на приходите во 2019-та како што е за специјалистите.
Засега добиле само цврсто ветување од премиерот и од министерот за здравство, Венко Филипче, дека ќе биде направено се за да има зголемување на платите на вработените во најголемата здравствена институција во државава.
Им било пренесено дека буџетот е затворен и за нив пари нема, но дека откако ќе помине првиот квартал, односно кога ќе има можност да се направи ребаланс, ќе биде направено се за да се исчекори кон исполнување на барањата на лекарите, потврди за медиумите д-р Горан Беговиќ.
Единствено останува можноста да се направат прераспределби во рамки на постоечкиот буџет за, како што велат од синдикатот, да се намали револтот што постои во моментот.
