Економија, финансии, бизнис

Контакт

ДОКТОРИТЕ АПЕЛИРААТ ЗА ВНИМАТЕЛНОСТ - Младите најчесто претеруваат со алкохол за празници

ДОКТОРИТЕ АПЕЛИРААТ ЗА ВНИМАТЕЛНОСТ - Младите најчесто претеруваат со алкохол за празници

Младите најчесто претеруваат со алкохол за празници, докторите апелираат за внимателност. Антоан Паракеов, раководител на Службата за итна медицинска помош во Кавадарци, вели младите се опијануваат и користат психоактивни супстанци пред и за време на новогодишната ноќ. Тој појасни дека околу 95 проценти акутни пијанства се случуваат за време викенди и празници, во неработни денови.

- Најголеми се и интервенциите кај малолетници кои не знаат умерено да консумираат. Тогаш им е алкохолот дозволен и тогаш имаме најмногу работа. За новогодишната ноќ и новогодишните празници, најмногу се опијануваат малолетници. Оти за празниците имаат можност да бидат во контакт со алкохол, исто и за други празници. Праксата низ годините покажува, дека тогаш има најмногу интервенции - сподели тој.

Хроничните пијанства и проблеми со регистрирани зависници од наркотични средства, ги имало и во работни и во неработни денови.

- Кај зависниците од наркотици, голем процент од околу 90 отсто, се од машкиот пол. И во алкохолизмот, машките доминираат. Има некоја тенденција на зголемување на алкохолизмот и кај женската популација. Мала тенденција на зголемување и кај девојчиња - малолетнички, на акутни пијанства - откри Паракеов.

Како прв човек на кавадаречката Брза помош, тој апелираше на внимателност.

- Вообичаено препорачуваме, ако веќе има присуство на алкохол, да се оди на дегустирање алкохолни пијалаци без претерување, во рамките на дозволеното, умерено консумирање, а наркотици да не се користат. Да внимаваат и малолетниците и младите и нивните родители. Како впрочем и сите луѓе - порача Паракеов.

Одговор на прашањата, што покажува искуството на полицијата, дали за време на празници, како што се новогодишните и божиќните, има зголемена појава на лица под дејство на алкохол или уживатели на каква било дрога, споредено со вообичаени денови кога не се празници и дали е зголемена контролата за време на празници, кога станува збор за откривање на алкохолизирани лица или лица под дејство на опојни дроги или дилери, споредено со обични денови, побаравме и од Секторот за внатрешни работи - Велес.

- Ве информираме дека за време на празничниот период и покрај зголемената фреквенција на граѓаните и зголемениот број на активности, СВР - Велес нема евидентирано зголемување на појави на лица под дејство на алкохол, ниту лица под дејство на наркотични супстанци, во споредба со останатите денови од годината. Што се однесува пак до прекршоци и нарушувања на законските одредби, кои се однесуваат во делот на безбедноста на сообраќајот на патиштата, овој тип на прекршоци се зачестени не само во периодот на новогодишните и божиќните празници, туку и за време на одржување на манифестации, каде има зголемено присуство на граѓани, се вели во пишаниот одговор на нашите прашања.

Оттаму истакнаа дека контролата од страна на полицијата е континуирана и се спроведува секојдневно.

- За време на празниците се реализираат засилени активности, иако мерките за откривање и санкционирање на лица под дејство на алкохол или дрога, се преземаат на дневно ниво и не се ограничени само на празничните периоди. Исто така, во делот на безбедноста на сообраќајот на патиштата, полициските службеници во рамки на своите надлежности, вршат зачестени контроли на терен, со цел откривање на прекршоци и кривични дела поврзани со алкохолот и дрогата, како еден од клучните проблеми во рамки на своите надлежности. Во таа насока, СВР - Велес во овој период реализира и зголемен број на активности за превенција и едукација на населението, нагласија од Секторот за внатрешни работи - Велес.

Притоа, уште еднаш апелираа до сите, заради лична безбедност, да празнуваат совесно и одговорно, да ги почитуваат законските правила и прописи и секое нарушување да го пријават во полициска станица.


Слично

Поврзани вести