Доктори навалија да бидат градоначалници, во болниците се повеќе потребни
Оливер Зафировски, Александар Стојкоски, Сејад Солаковски, Маријан Миленковски, Владо Кочоски, Николчо Стојменовски, Елена Јакимовиќ, Тони Кољановски, Кирил Пецаков, Борче Јовчевски, Мевмед Џафери, Хамдија Елезовиќ. Ова се само дел од имињата на кандидатите доктори кои се номинирани со амбиција да бидат градоначалници по локалните избори во октомври.
Претседателот на Македонски концепт, Петар Богојески, денеска во емисијата „Студио 10“ реагираше дека поголем ефект локалните заедници ќе бидат доколку лекарите останат во болниците.
„Според мене градоначалник треба да биде архитект. Лекарите сметам дека не треба да бидат градоначалници, туку само лекари со три пати повисоки примања од пратениците, а градоначаниците да бидат експерти во областа.
Докторот е доктор и треба да дејствува во здравството. Од тоа експерминетирање во политката дојдовме до ова дереџе. Ние сме прафесионалци во политката, а останатите ги замолувам да си бидат професионалци во својата област“, реагираше Богојески на новиот бран на доктори-кандидати да ги управуваат општините.
Исто и популарниот токсиколог Нико Беќаровски се јави со реакција дека и на советничките листи има премногу имиња на професионалци од здравството.
„Со толку многу мои колеги доктори во сите советнички листи, во секој општински совет ќе може да направите МИНИ ОПШТИНСКА ПОЛИКЛИНИКА.
Барем воведете и ден кога во општинските згради ќе има бесплатен консултативен преглед за граѓаните од Општината. Да имаат некаков бенефит и тие“, напиша саркастично Беќаровски на Фејсбук.
Државната изборна комисија во неделата ги затвори списоците со кандидати за градоначалници и општински совети. Во моментов се врши нивна контрола, а деновиве треба официјално да бидат објавени сите пријавени кандидати за градоначалници и потенцијални советници.
