Економија, финансии, бизнис

Контакт

„ДОЈДИ НА ГЛАВНА КАСА ТЕ ЧЕКАМ“- МУ ПОРАЧА АРСОВСКА НА ГАНИУ, А ГАНИУ ВОЗВРАЌА „ЧАИР Е ПОД ОПСАДА“: Врие помеѓу градоначалниците на град Скопје и Чаир

„ДОЈДИ НА ГЛАВНА КАСА ТЕ ЧЕКАМ“- МУ ПОРАЧА АРСОВСКА НА ГАНИУ, А ГАНИУ ВОЗВРАЌА „ЧАИР Е ПОД ОПСАДА“: Врие помеѓу градоначалниците на град Скопје и Чаир

Арсовска обвини за фалсификати при легализација на зграда во Чаир

 Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска,вчера  повторно излезе на терен во Општина Чаир, обвинувајќи го општинскиот градоначалник Висар Ганиу за незаконска легализација на згради со фалсификувана документација.

Во видео вклучување во живо на нејзината официјална страница на „Фејсбук“, Арсовска покажа зграда за која тврди дека е легализирана со лажни одобренија, спротивно на законските процедури. 

Според неа, Ганиу поднесувал фалсификувани документи до Катастарот, и покрај тоа што сите барања за легализација од страна на Градот Скопје биле одбиени. „Си извршил легализации спротивно од закон. Како си ги впишал во Катастар кога од Град Скопје сите барања ти се одбиени? Поднесувал си фалсификувани одобренија“, рече Арсовска, упатувајќи сериозни обвинувања кон Ганиу. 

- Си извршил легализации спротивно од закон, да објасниш како си ги впишал во Катастар, а од Град Скопје сите твои барања се одбиени. Ти си поднесувал фалсификувани одобренија од Град Скопје до Катастар, криминалецу, што цело време ми се закануваш. Ниту една ваква дивоградба нема во ниту една скопска општина, само Чаир вака си легализира со фалсификувани документи. Ти си лопов и криминалчуга. Дојди на главна каса, те чакам. Викаш оваа зграда се изградила во 2011 во фалсификуваните документи, а таа уште се гради.“

Таа истакна дека вакви случаи на легализација со фалсификувани документи постојат единствено во Чаир. Арсовска посочи дека зградата, која се протега на десет ката, е изградена без соодветна дозвола, на државно земјиште. 

Според неа, досега се легализирани најмалку две слични згради со нерегуларна документација, а моментално објектите нелегално користат електрична енергија и се приклучени на водоводната мрежа. Таа го повика Ганиу лично да се појави на локацијата и да објасни како дошло до вакви состојби, потенцирајќи дека не се бори за мандат, туку за да се спречат урбанистички злоупотреби.

- 150 дивоградби сум ти спречила, а ти не ми заканувај, ако си маж, дојди“, рече Арсовска. 

 Од Градот посочуваат дека зградата не е безбедна, бидејќи се гради без урбанистички план. Раководителката на секторот за планирање предупреди дека објектот е обложен со стиропор, нема простор за интервенирање со противпожарно возило, и дека постои реална опасност во случај на несреќа. 

 На 21 мај, Арсовска повторно беше на терен во Чаир, каде со екипи од Градот спроведуваше увид во објекти за кои се сомнева дека се граделе дивоградби. Таа повторно јавно го повика градоначалникот на општината да даде одговори за состојбата на теренот.

Од друга страна, градоначалникот на Чаир, Висар Ганиу го возрати ударот.

Вели дека Чаир е под опсада.

„Општина Чаир и нејзините жители, соочени со една политичка провокација каква не се памети од порано, внимателно следејќи ги движењата, дејствијата, релациите и изјавите на политичките чинители, со жалење констатира дека ЧАИР Е ПОД ОПСАДА!

Општина Чаир изразува разочарување поради фактот што г-ѓа Арсовска, во последните месеци од нејзиниот мандат на чело на Градот Скопје, наместо да се фокусира во презентација на сработеното во изминатите четири години, дозволи да биде инструментализирана и да се претвори во извршител на сомнителни политички агенди, кои не случајно го одбраа токму Чаир и неговите жители да ги бијат нивните последни политички битки.

Граѓаните очекуваа од г-ѓа Арсовска да биде гласот на умереноста, мостот што поврзува и промотер на дијалогот помеѓу заострените страни. Како независен градоначалник на Градот Скопје, нејзиниот глас требаше да биде сервис на граѓанинот во потреба, не на политичките партии, на процесот на легализација како елементарна неопходност, не како луксуз. За жал, г-ѓа Арсовска дозволи нејзиниот авторитет да биде срушен претворајќи се во параполицаец кој дејствува спротивно на законот и надвор од своите овластувања.

Јавно ја прашуваме г-ѓа Арсовска: чија политичка агенда спроведувате? Кого се обидувате да го спасите од правдата произведувајќи кризи таму каде што ги нема?

И даваме до знаење на г-ѓа Арсовска дека Чаир се сеќава. Чаир и чаирчани паметат и времиња кога службената политика го беше претворила Чаир во гето, а чарчаните во граѓани од втор ред. Сликите кои што ги приреди г-ѓа Арсовска како забава за масите, во меморијата на Чаир ги вратија настаните од крајот на 80-тите години, кога на Албанците им се рушеа куќите во Дижонска, додека политичарите Албанци се криеја некаде низ „сараите„ на политиката.

Прочитани сте. За оваа опсада на Чаир, нарачателите ќе добијат соодветен одговор многу брзо“, напиша Ганиу на фејсбук.


Слично

Поврзани вести