ДОЈАВИ ЗА БОМБИ ВО ПРВА СМЕНА: „Не случајно целта се школите“ (ФОТОГАЛЕРИЈА)
По шести пат
денеска имаше дојави за подметнати бомби во четири скопски училишта, но за
разлика од минатата недела, овојпат дојавите стигнаа во текот на првата смена,
односно точно во 9.30. Едно од училиштата е скопската гимназија „Јосип Броз
Тито“ во центарот на градот. Веднаш се спроведе безбедна евакуација, а на терен
пристигна полицијата и се вршат антитерористички проверки.
Фотографиите кои ги направи Фактор прикажуваат повторно сосема празно училиште. Сосема иста е и ситуацијата во останатите образовни објекти.
„Веднаш по добиените пријави, од полициски службеници се преземени мерки за безбедно евакуирање на сите четири училишта. Во тек се антитерористички проверки и се преземаат мерки за расчистување на случајот“, соопштија од МВР.
Случајот со дојавите за подметнати бомби денеска го искоментира и премиерот Димитар Ковачевски, кој истакна дека не случајно се таргетираат школите.
„Ова што се случува е исто така дел од една таа стратегија за такви хибридни напади. Мора да бидете свесни дека МВР при такви дојави мора да интервенира бидејќи се работи за школи и не случајно тие таргетираат школи бидејќи најчувствителни се луѓето кога се работи за школи бидејќи нашите деца учат во тие школи. МВР нормално дека интервенира, секторот за електронски криминал нормално дека согласно своите надлежности ги испитува сите можни податоци за да се дознае од каде доаѓаат тие лажни дојави. Јас се надевам дека тие што тоа го прават ќе сфатат дека Европа треба да живее во мир а не во страв и неизвесност“, нагласи Ковачевски на пресконференцијата.
А. Б.
