Договорена средба на Тимчо Муцунски со грчкиот министер за надворешни работи
Министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски утре ќе се сретне со грчкиот колега Јоргос Герапетритис во договорена билатерална средба во Њујорк на маргините на Генералното собрание на ОН.
Средбата ја потврдија од грчкото МНР во рамки на активностите и состаноците што министерот за надворешни работи на Грција ќе ги има во текот на денешниот и утрешниот ден.
И извори од македонското МНР за известувачот на МИА од Њујорк ја потврдија билатералната средба. Ова ќе биде прва средба на шефовите на дипломатиите на двете земји. Муцунски и Герапетритис засега имаат остварено само телефонски разговор на средината на јуни, а во фокусот беше справувањето со пожарите што тогаш беа активни кај нас.
– На маргините на Генералното собрание, господинот Герапетритис ќе има одделни билатерални средби со министрите за надворешни работи на Боливија, Северна Македонија, Бахреин и Саудиска Арабија, пишува во соопштението од Министерството за надворешни работи на Грција.
Муцунски и Герапетритис утре ќе учествуваат и на Министерскиот состанок на неформалната група „Пријатели на Западен Балкан“, во присуство на министрите за надворешни работи на земјите од Западен Балкан.
