Економија, финансии, бизнис

Контакт

ДОГОВОР СО ГРЦИЈА: Дали за граѓаните е историски чин или разочарување?

ДОГОВОР СО ГРЦИЈА: Дали за граѓаните е историски чин или разочарување?

Во Преспа вчера е потпишан договорот за решавање на деценискиот спор со името, но бунт имаше и во двете земји. 80 автобуси со грчки граѓани сакаа да го спречат потпишувањето, а протести имаше и во Атина. И во Македонија зовреа страстите синоќа, при што протестот пред Собранието ескалираше по што полицијата со солзавец ги растеруваше демонстрантите.

Граѓаните се со поделени мислења дали овој договор ќе донесе просперитет за Македонија.

„Мене политички прашања не ме интересираат, туку економски и тоа робин худ дипломатија, земи од богатите и дај на сиромашните. Придобивки ако имало за Бугарија, Романија, не знам можеби ќе има и за нас, но не верувам. Мислам дека и тие што се тука ќе се иселат и ќе бидеме како Хрватска, ќе се жалиме. Нема да има работник за плата од 700 евра, туку ќе мора 1450 евра да даваат. За референдумот не знам дали ќе успее, зависи, а јас лично не сум одлучен дали ќе гласам“- вели Дарко Трајчев од Штип.

Други пак се плашат дека нè очекува тензичен период со протести против промена на името.

„Генерално сум разочарана. Мислам дека е начин да се направи тензија во државата, евентуално да  се смени цел идентитет што е крајно контрадикторно на првичните  замисли за мир и просперитет. Нема да гласам на референдум,  затоа што националниот  идентитет не би  требал воопшто да биде во форма на прашање“- вели 18 годишната Сара од внатрешноста на Македонија.

Некои граѓани се со став дека договорот нема да се реализира затоа што граѓаните нема да се сложат со ова решение, и тоа ќе се види на референдум.  

„Од тоа нема да биде ништо, на крај ќе си остане името Република Македонија. Ниту ние ќе изгласаме на референдум промена, ниту во Грција ќе помине договорот. Јас ќе гласам против.  Ништо не се прави за да се решат реалните проблеми на граѓаните и тоа не ми се допаѓа. Се губи време џабе, а инаку ако смениме име на држава ние секаде ќе бидеме за подбив кога ќе излеземе од границите на нашата земја. Ова име ни за време на турското ропство никој не го сменил и зошто мора да се менува сега“- вели Јулијана С. од Куманово.

Сепак, никој не е рамнодушен на промената која ја носи договорот и чувство на несигурност има.

„Ние  изгубивме многу години, не направивме ништо, немаме напредок.  Сега не очекувам напредок, ќе биде уште полошо. За промена на име јас нема да гласам“- вели Миле Петковски, од Скопје.

Договорот беше поздравен од повеќе политичари од регионот и пошироко. Грчката опозиција го нарече Ден на срамот денот кога е потпишан договорот со Македонија. Oд ВМРО-ДПМНЕ се против договорот кој го нарекоа капитулација, а ГРОМ најави бојкот на референдумот. Договорот во периодот кој следи ќе треба да го разгледаат народните избраници. На есен во Македонија ќе има референдум за името.

Сања Атанасовска

Слично

Поврзани вести