Доделени нови 70 решенија за легализација во Кисела Вода
Градоначалникот на општина Кисела Вода, Билјана Беличанец – Алексиќ денеска додели нови решенија за легализација на дивоградби на 70 жители на општината.
Со ова бројот на легализирани објекти во Кисела Вода достигна 2.003.
За олеснување и забрзување на процесот, како што потсети Беличанец - Алексиќ, Владата воведе мерки, со кои се овозможи на социјално ранливите категории да плаќаат половина цена за геодетските елаборати.
- Оваа поволност треба да биде дополнителен стимул за сите корисници на социјална и постојана парична помош, како и самохраните родители на деца со пречки во развојот. Нека ја искористат можноста што им ја дава државата и час поскоро нека ја заокружат процедурата за легализација, изјави Беличанец - Алексиќ.
Бенефитот од успешно заокружување на процесот, укажа таа, ќе биде заеднички. Граѓаните ќе станат сопственици на нивните имоти, а општината ќе може да донесе нови детални урбанистички планови, во кој ќе бидат впишани и новолегализираните објекти, што е и крајна цел на овој процес.
- Општина Кисела Вода веќе започна со носење на неколку клучни урбанистички планови, кои се во согласност со новиот ГУП на Град Скопје, а се во насока на рамномерен просторен развој, рационално уредување и користење на просторот и создавање услови за хумано живеење и работа на граѓаните. Со новите детални урбанистички планови, на граѓаните и бизнис заедницата им даваме шанса за изградба на нови објекти и проширување и реконструкција на постоечките, истакна Беличанец - Алексиќ.
Крајниот рок за доставување на елаборатот е 18 јуни 2014 година, што подразбира дека околу 4.500 граѓани од Кисела Вода имаат само уште девет месеци за да ја докомплетираат документацијата и да го достават геодетскиот елаборат.
