Доделени наградите 11 октомври - кои се добитниците?
По повод 75 годишнината од Денот на националното востание, во Собранието денеска беа доделени наградите 11 октомври.
Ликовниот уметник Благоја Маневски, писателот Раим Канији, пијанистката Елена Мисиркова и актерот Атиља Клинче оваа година Собранието ги прогласи за најзаслужни во областа на науката и уметноста. Тие ја добија наградата 11 октомври за животно дело во областа на културата и уметноста за 2016 година.
Свое обраќање имаше и академикот Митко Маџунков кој порача дека нацијата е поделена.
„За да бидеш, треба јасно да знаеш што си бил, што си и што бараш од својата иднина. Државата е основниот предуслов за нашиот опстанок. Додека имаме држава, без оглед на тоа кој и како ја води, имаме и надеж дека нашата физичка и духовна супстанција ќе се сочува. Без држава, првиот удар ќе биде врз она најважното – јазикот со се што е создадено на него… Денот што го славиме денеска е симболот на нашите заеднички стремежи, без оглед на сиот тек на околности“ - рече тој.
Пред присутните говореше и Мисиркова.
„Сепак се решавам, и од име на лауреатите, акцент да ставам на сите оние коишто се вложија во нашата кариера – прво на нашите родители кои несебично дадоа се за ние да одиме напред, на нашите професори, на претставници на македонските институции кои максимално се вложуваат и се ангажираат за ние да можеме да твориме на нашиот пат“ - кажа Мисиркова.
Таа е првата македонска уметница која имала солистички концерт во „Карнеги хол“ во Њујорк.
