„ДОДЕКА ВЕ ЗАНИМАВАА СО КОЛАТА КОЈА МВР ЈА НАБАВИЛО, ЛУЃЕТО РАБОТЕЛЕ НА ГОЛЕМО, АМА НЕ ЗА НАРОДОТ“: Груевски објави како нѐ краделе преку набавката на лекови
Поранешниот премиер Никола Груевски, повторно се јави на Фејсбук, овој пат тој објаснува како власта го крадела народот преку набавката на лекови.
„Криминалот тежок над 100 милиони евра само од 2017 година наваму, во набавките на лекови од страна на државата, а во конструкција на некои моќни политичари под превезот на наводен осигуран квалитет, а преку создавање монопол во набавките каде само на еден трговец му се дава право да понуди од тој лек преку законското попречување на т.н. паралелен увоз е неспорен, видлив и многу лесно докажлив.
Со вокабуларот на нивните обвинители кога ги прогонуваат нивните политички конкуренти “парламентот е доведен во заблуда” и гласал закон од кој поединци многу нечесно профитираа. Тоа е закон кој ќе мора да се укине во тој дел кога Македонија ќе стане членка на ЕУ.
Само треба Македонија да добие ослободено обвинителство и судство и работите да си добијат свој тек.
За ова објавив текст на 16 август. Вчера повторно беше тема во комисијата во парламентот на која поранешниот министер за здравство одговарајќи на прашања на пратениците со повеќе детали го опиша она за што пишував.
И запомнете: давање на приватен трговец монопол, односно единствено право само од него државата да може да купи некој лек по цена кој тој самиот ќе ја одреди колку сака, не се прави случајно и без огромен интерес на политичарите кои го протуркале тој закон веднаш по промената на власта во 2017 година. И уште тоа го правеа со лаги и пропаганда дека исправам е голема неправда од нас.
