ДОДЕКА СОСЕДИТЕ ПРОВОЦИРААТ: Брисел ги повика Софија и Скопје да не ги нарушуваат интересите на ЕУ со своите кавги
Ги охрабрувам Скопје и Софија да ги удвојат своите напори да постигнат заемно прифатливо решение за отворените прашања. Ова го изјави пред Европскиот парламент еврокомесарот за соседство и проширување Оливер Вархеј, цитиран од дописникот на БТА во Брисел, пред четири дена.
Јас повикувам на воздржување од изјави и активности во кршење на пошироките европски интереси, додаде тој.
Европскиот комесар инсистира на тоа дека билатералните договори на Македонија со Грција и Бугарија мора да бидат имплементирани од добра волја од сите.
Тој се надева дека пристапните разговори со Македонија ќе започнат до јули.
Добрососедските односи се клучен дел од патот кон ЕУ, нагласи Вархеј.
Од своја страна, европратеникот од ДПС, Илхан Кјучјук, кој е известувач на Европскиот парламент за напредокот на Македонија, ги забележа достигнувањата на долгиот и тежок пат на реформите и отстапките на патот кон ЕУ. Тој посочи дека во извештајот на ЕП за земјата се повикуваат партиите од земјава да се воздржат од националистичка и провокативна реторика, како и да се залагаат за понатамошни реформи - подлабоки и побрзи.
Се надеваме дека Македонија и Бугарија ќе продолжат со конструктивниот дијалог со цел да постигнат одржлив напредок, рече Кјучјук. Според него, потребно е да се постигнат отстапки за план за мерки, кои ќе се оценуваат постојано во согласност со билатералниот договор и тоа ќе овозможи што побрзо започнување на пристапните преговори. Кога е нарушена довербата, таа мора да се врати и најдобриот начин е да се вратиме на темелите на договорот, рече тој.
Провокациите кон Македонија од бугарска страна не запираат
Последниот провокативен чин доведе до испраќање на протестна нота до Бугарија.
Имено, бугарскиот европратеник Ангел Џамбаски објави скандалозен спот кој изобилува со кадри од Скопје, Охрид и други локации во Македонија, при што вели дека Македонија е на Бугарите, при што Министерството за надворешни работи до бугарското МНР упати една протестна нота по провокаторското видео на европратеникот и заменик-претседател на политичката партија ВМРО – Бугарско национално движење.
Дали и каква ќе биде реакцијата на Европската унија по последните случувања останува да видиме.
