Додека пратениците „бистрат“ политика пред Собрание ќе „никнат“ шатори: Кој и зошто ќе кампува?
Секој месец од 21. до 23. пред Собрание ќе се кампува.
Додека пратениците во Собранието се надмудруваат со реплики и контра реплики, децата со посебни потреби и нивните родители в четврток ќе распослат шатори во паркот Жена борец.
Потребата од квалитетна терапија и од испитувања, стручен кадар кој ќе им помогне во грижата за нивните деца, до сместувањето за повозрасната категорија на деца со посебни потреби, се само дел од проблемите кои не се соодветно решени поради што родители од здружението „Сплотени срца“ бараат да бидат видливи од политичарите.
Од здружението велат дека проблемите кои ги има оваа категорија на деца немаат политичка врска со ниту една партија затоа велат дека не сакаат да му се даде политичка нота на протестот.
Претседателот на здружението вели дека сите нив ги споила маката и се повикуваат на совеста на пратениците.
Шаторите ќе се постават утре во 9 часот, додека во 5 до 12 ч ќе има симболична прес конференција.
