Економија, финансии, бизнис

Контакт

Добри патишта – клуч за економска соработка со Албанија

Добри патишта – клуч за економска соработка со Албанија
Изградбата на патна инфраструктура е главен предуслов за поголема трговската размена и економска соработка меѓу Македонија и Албанија, порачаа македонските и албанските бизнисмени кои побараа од владите на двете држави да вложат поголеми напори во оваа насока. Претставници на Стопанската комора на Македонија и Стопанската комора на северозападна Македонија денеска се сретнаа со повеќечлена делегација на стопански комори, асоцијации и здруженија од Албанија. „Албанија е наш трговски партнер. Иако моментно не можеме да се пофалиме со голема бројка во надворешната трговска размена, можеме да се пофалиме со заеднички проекти и учество на трети пазари. Всушност и денешната посета е продлабочување на соработката во областа на туризмот, текстилната и прехранбената индустрија, како и учество во заеднички проекти“, изјави Јелисавета Георгиева, извршен директор во Стопанската комора на Македонија. „Не сме задоволни со досегашниот обем на размена на стока и услуги, утврдивме насоки и сметаме дека недостига стратешка програма со вклучување и на политичките и на економските чинители. Како проблем е утврден инфраструктурниот дел, за којшто во голема мера се работи во Албанија во последно време, но фали во другиот дел. И инвестициите што се направени во Албанија нема да може да се материјализираат затоа што треба компатибилно на тоа да се развива и инфраструктурната мрежа во нашиот дел“, изјави Кучи. И претставниците на албанските комори и здруженија сметаат дека не се инвестира доволно во патното поврзување помеѓу двете држави. „Нашата заедничка молба до двете влади е да инвестираат повеќе во изградба на Коридорот 8 што ги поврзува двете земји, изјави Јака, истакнувајќи го значењето на доброто инфраструктурно поврзување кон Тирана и Драч. Важен е и патот од Дебар кон Тирана, кој би го скратил патувањето за еден час“, наведе Николин Јака, претседател на албанската комора.
Слично

Поврзани вести