ДОБИВАЛ ЗАКАНИ: Кривична пријава за поттикнување на пораките за екссопругата на Шаини
До кумановското обвинителство е доставена кривична пријава за загрозување на сигурноста на докторот Зеќирја Шаини - носител на советничката листа на ДУИ во Липково, кон кого беше пукано во Куманово.
„До Основното јавно обвинителство Куманово денеска е доставена кривична пријава за загрозување на сигурноста против едно лице, како и за поттикнување при извршувањето на тоа дело против поранешна сопруга на оштетениот. Пријавата се однесува на претходно испратени заканувачки пораки и закани, додека индициите за евентуална инволвираност на овие осомничени, но и на други лица во инцидентот со пукањето се уште се проверуваат. Надлежен јавен обвинител постапува по пријавите и презема дејствија“, соопшти Обвинителството.
Шаини пак, изјави дека се чувствува загрозен оти лицето кое испука четири куршуми кон него не е фатено.
„Се чувствувам загрозен сè додека не се пронајде лицето кое го направи делото, бидејќи немаме ништо конкретно што тоа лице би можело да има против мене. Не бегам од одговорност, тоа што се случи – се случи, но не планирам да престанам да работам. Немам долг кон никого, но не сакам да навлегувам во таа многу чувствителна тема, која многу ја вознемири мојата фамилија“, рече тој.
