Добиле труење од енергетски пијалок, надлежните го истражуваат случајот
Три деца вчера добиле сериозно труење откако во продавничката до основното училиште „Ацо Шопов“ во скопската населба Радишани купиле енергетски пијалак „симба" и го конзумирале.
Од Агенцијата за храна и ветеринарство велат дека се информирани за настанот во кој 3 малолетни деца се хоспитализирани во Детската клиника во Скопје. Сепак од епидемиолошката служба на Центарот за јавно здравје – Скопје, немаат добиено информација за пријава за труење со храна и за хоспитализирани лица.
„Производот „симба“ кој во медиумите се посочува како причинител на труењето со храна на малолетните лица е безалкохолен пијалак, на кој соодветно е означено дека не се препорачува за деца под 18 години и за бремени жени. Не станува збор за небезбеден производ, ниту за труење со храна, туку за непочитување на означувањето од страна на лицата кои го консумирале“ - стои во соопштението.
Во тек е постапка од надлежните институции за тоа како овој пијалак дошол до малолетните лица.
