ДОБИЈА 30 ДЕНА ПРИТВОР: Нино Васев и Нехат Нухи одат во Шутка поради случајот Онкологија
Поранешниот медицински директор на Клиниката за радиотерапија и онкологија, д-р Нино Васев, и организацискиот директор Нехат Нухи ќе одат во ефективен притвор од 30 дена. Вака одлучи Апелациониот суд Скопје.
Судот ги прифати жалбите на Основното јавно обвинителство Скопје, кое побара построги мерки за двајцата обвинети, укажувајќи на опасност од бегство.
„Апелациониот суд ја уважи жалбата на Основното јавно обвинителство Скопје против решението на Кривичниот совет на Основниот кривичен суд Скопје и истото го преиначи, на начин што ја укина мерката куќен притвор определена према обвинетиот Н.В. од С.“, стои во соопштението.
Судот констатира основано сомневање дека Васев сторил кривично дело злоупотреба на службена положба и овластување, и поради тоа му е одреден притвор во траење од 30 дена.
Двајцата се обвинети за злоупотреби поврзани со скапа терапија и за тешки дела против здравјето на луѓето.
