До вторник важи полицискиот час, утре одлука за попуштање на рестрикциите?
До вторник односно до 27 април истекува важноста на актулените рестриктивни мерки и полицискиот час кој почнува во 20 часот и завршува во 05 часот следниот ден. Изминува третата недела откако се на сила овие рестрикции, а веќе утре ќе се разгледуваат бројките на новозаболени и хоспитализирани, за да се одлучи какви мерки ќе следуваат од вторник натаму.
Главниот кризен координативен штаб на 19 април годинава предложи пакет рестрикции за Велигденските празници, но тие требаше да се усвојат само ако има тренд на опаѓање на бројот на новозаболени и хоспитализирани. Според тој предлог, од 27 април до 15 мај треба да има полициски час од 21 часот до 05 часот.
Во случај на потврдување на трендот на опаѓање, Главниот координативен штаб ќе ја разгледа можноста за предлог за намалување на рестрикциите, па беа дадени следните предлози
• во периодот од 27 април 2021 година (вторник), заклучно со 15 мај 2021 година (сабота), да се отворат угостителските објекти за работа со посетители/гости во отворениот дел од угостителскиот објект (само летни тераси, градини, а не во затворениот дел);
• да ги разгледа можностите при намалување на рестриктивните мерки да се дозволи организирање на спортски тренинзи организирани од страна на фитнес центри/клубови на отворен простор (наместо во затворена спортска вежбална/сала);
Наведените предлог-мерки на Комисијата за заразни болести ќе се разгледуваат исклучиво доколку се задржат трендовите на опаѓање на бројките на новозараени и хоспитализирани лица, за што клучно е почитувањето на личните мерки за заштита од КОВИД-19 и активните протоколи за функционирање во услови на КОВИД-19.
